Линкови за пристапност

Претседателот Бајден најави дополнителни санкции откако Русија изврши инвазија врз Украина


Претседателот Бајден ги најави дополнителните санкции од Белата куќа
Претседателот Бајден ги најави дополнителните санкции од Белата куќа

Претседателот на САД Џо Бајден најави дополнителни санкции коишто „ќе наметнат сериозен притисок и штета за руската економија“ по нејзината инвазија врз Украина.

Путин е агресорот. Путин ја избра оваа војна и сега тој и неговата земја ќе ги сносат последиците.
Бајден, претседател на САД

„Путин е агресорот. Путин ја избра оваа војна и сега тој и неговата земја ќе ги сносат последиците“, рече Бајден од Белата куќа.

Новите санкции ќе бидат насочени кон руските банки, олигарси и високо-технолошки сектори. Претходно, официјален претставник на американската одбрана рече дека Русија има „секаква намера“ да ја собори украинската влада со инвазијата на претседателот Владимир Путин врз соседната земја.

„Она што го гледаме се почетни фази на инвазија од големи размери“, изјави за новинарите висок функционер на Пентагон. „Тие прават чекор кон Киев“.

Официјалниот претставник рече дека првиот руски напад вклучувал повеќе од 100 балистички ракети со краток дострел, но исто така и балистички ракети со среден дострел, и ракети од типот земја-воздух.

Мета на проектилите биле воени локации -- аеродроми, касарни и магацини. САД „видоа индикации“ дека украинските војници „се спротивставуваат и возвраќаат“, рече официјалниот претставник.

Путин ја започна инвазијата рано во четвртокот во најголемиот европски напад од крајот на Втората светска војна, напаѓајќи ги украинските сили во спорниот источен регион и лансирајќи проектили врз неколку клучни градови, вклучувајќи го и главниот град Киев. Путин ја нарече „специјална воена операција“ чија цел е „демилитаризација и де-нацификација“ на нејзиниот јужен сосед, некогаш советска република, но, независна земја од 1991 година.

Во телевизиското обраќање пред зори од Кремљ, рускиот лидер ги предупреди другите земји да не интервенираат и рече дека ќе се соочат со „последици што никогаш не ги виделе“.

САД и нивните западни сојузници брзо и едногласно ја осудија инвазијата и ветија дека ќе објават економските санкции за руската економија подоцна во четврток. Претседателот Бајден ја нарече инвазијата на Путин - „војна со предумисла“.

Светот ќе бара одговорност од Русија.
Бajден, претседател на САД

„Само Русија е одговорна за смртта и уништувањето што ќе ги донесе овој напад, а САД и нивните сојузници и партнери ќе одговорат на обединет и решителен начин“, рече Бајден во изјавата непосредно по почетокот на нападот. „Светот ќе бара одговорност од Русија“, најави Бајден и се состана во Белата куќа со неговиот Совет за национална безбедност за да разговара за рускиот напад и како САД да одговорат.

САД и неколку сојузници веќе воведоа прва транша од санкциите во вторникот, еден ден откако Путин ги прогласи спорните источни украински региони Луганск и Доњецк за независни држави и повеќе не се дел од Украина, исто како што го присвои украинскиот полуостров Крим во 2014 година.

XS
SM
MD
LG