Линкови за пристапност

Украина побара уште санкции за Путин и неговите помошници


Првите одлучни чекори беа преземени вчера и ние сме благодарни за нив, напиша на Твитер украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба
Првите одлучни чекори беа преземени вчера и ние сме благодарни за нив, напиша на Твитер украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба

Украина ги поздрави санкциите за Русија за нејзините активности во источна Украина, но, повика да се воведат уште во брзо време, велејќи дека тие се неопходни за да се спречи рускиот претседател Владимир Путин од натамошна агресија.

„Првите одлучни чекори беа преземени вчера и ние сме благодарни за нив“, напиша на Твитер украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, кој додаде дека „сега притисокот треба да се зголеми за да се стопира Путин. Погодете ги неговата економија и помошници. Удрете повеќе, поцврсто и сега“.

САД, Европската Унија, Канада, Британија и Германија, вчера воведоа санкции и најавија уште потешки мерки ако Русија делува понатаму.

„Се` уште не сме виделе целосна инвазија, но, јасни сме дека ако претседателот Путин ескалира, ние, меѓународната заедница, ќе ги ескалираме нашите санкции“, рече британската министерка за надворешни работи Лиз Тас.

Австралија денес воведе санкции за членови на рускиот безбедносен совет, додека Јапонија го замрзна капиталот на одредени руски поединци.

Украинската армија денес рече дека при бомбардирање од страна на проруски сепаратисти во регионот Луганск бил убиен еден украински војник, а шест други биле повредени.

Советот за безбедност, исто така, одреди национална вонредна состојба која ќе трае 30 дена, но прво мора да добие одобрение од Парламентот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша наредба за регрутирање на воени резервисти, наведувајќи ја потребата од брзо екипирање на Армијата на нацијата.

„Украинците се мирна нација, ние сакаме тишина, но ако молчиме денес, утре ќе исчезнеме“, рече Зеленски во видеообраќање вчеравечер.

Претседателот Џо Бајден вчера објави дека САД наредиле нови и тешки финансиски санкции против руските банки и олигарси, изјавувајќи дека Москва флагрантно го прекршила меѓународното право во, како што го нарече „почеток на руската инвазија на Украина“.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, изјави за новинарите дека руските тенкови се префрлиле во делови на Доњецк и Луганск.

„Секој показател е дека Русија продолжува да планира целосна инвазија на Украина“, рече тој.

Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG