Јапонскиот премиер во заминување Фумио Кишида на 15-ти август ја одбележа 79-годишнината од поразот на Јапонија во Втората светска војна.
Кишида рече дека Јапонија „никогаш повеќе не смее да го повтори уништувањето од војните“. Но, неговиот говор, исто така, ја одрази и променливата улога на Јапонија на глобалната сцена.
„Јапонија ќе даде се’ од себе за да ги реши различните предизвици со кои се соочува светот“, истакна Кишида.
Кишида се обиде да ја промени одбранбената положба на Јапонија. Тој предупреди дека „Украина утре може да биде Источна Азија“ - и воспостави блиски врски со Киев - во посета на земјата во 2023 година, пред да биде домаќин на украинскиот претседател Володимир Зеленски на самитот на Г7 во Хирошима.
Политиките на Кишида вклучуваа и удвојување на трошоците за одбрана до 2027 година, развивање поблиски регионални сојузи и надградба на воената команда на САД во Јапонија.
Неговиот наследник најверојатно ќе го продолжи пристапот на Кишида, вели аналитичарот Томохико Танигучи.
„Поради вознемирувачкото соседство во кое се наоѓа Јапонија, а тоа се Русија, Северна Кореја и Кина - три нации со нуклеарно оружје, а ниту една од нив не искористи ништо слично на отворената демократија. Трите земји шират непријателство и омраза, намерно и институционално кон Јапонија и американско-јапонскиот сојуз“, посочува Танигучи.
Кишида и јужнокорејскиот претседател ги надминаа историските незадоволства за да создадат близок сојуз.
Во заедничката изјава во неделата, САД, Јапонија и Јужна Кореја го потврдија своето ветување за заедничко справување со регионалните предизвици - дадени пред една година на историскиот самит во Кемп Дејвид. Но, сепак има и неизвесности, вели аналитичарот Танигучи.
„Претседателот Јун е повеќе од половина на својот мандат. Остатокот од неговиот мандат ќе помине без поголеми промени. За опозициските партии, најлесната цел е да кажат дека актуелната администрација е премногу слаба во однос на Јапонија“, смета Танигучи.
Идниот јапонски премиер ќе треба да го добие одобрение од јапонската јавност.
„Мислам дека поддршката на јавноста во принцип ја зајакнува одбраната на Јапонија и зголемувањето на буџетот за одбрана, но народот всушност не е подготвен да плаќа повисоки лични даноци за сметка на одбраната“, вели Ји Куанг Хенд од Токискиот универзитет.
Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Јапонија, Рам Емануел, напиша на мрежата X дека Кишида „помогна да се изгради решетка од безбедносни сојузи и партнерства низ индо-пацифичкиот регион“.
Во меѓувреме, Пекинг вели дека ќе работи на изградба на конструктивни и стабилни односи меѓу Кина и Јапонија со наследникот на Кишида.
Facebook Forum