Русија разменила мислења со САД и ЕУ за ситуацијата во Нагорно-Карабах пред воената операција на Азербејџан минатиот месец, изјави денес портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.
„Политико“ претходно објави дека највисоките функционери од САД и ЕУ се сретнале со нивните руски колеги во Турција на итни разговори за Карабах, само неколку дена пред Азербејџан да ја започне својата операција во отцепениот регион.
„САД и ЕУ ни пристапија и не` замолија да одржиме состанок“, им рече Захарова на новинарите.
Таа рече дека двете страни размениле мислења за ситуацијата во Карабах.
„Немаше ништо тајно за оваа средба, тоа беше обична размена на мислења. Ќе видиме како Западот ќе го претстави сето ова сега“.
Заменик-портпаролот на американскиот Стејт департмент Ведант Пател изјави за новинарите дека состанокот не бил тајна и „се собрале за да се осврнат на конкретно итните хуманитарни прашања и обезбедувањето потенцијална хуманитарна помош во Нагорно-Карабах“.
„САД остануваат длабоко ангажирани за ситуацијата и ние продолжуваме да бидеме посветени да им помогнеме на страните да постигнат траен мир во Јужен Кавказ“, рече тој.