Сепаратистичките власти во Нагорно-Карабах соопштија дека најмалку 68 лица загинале во експлозијата што потресе складиште за гориво додека илјадници избегаа од регионот и се упатија кон Ерменија.
Властите соопштија дека најмалку 290 лица се хоспитализирани.
Агенцијата за бегалци на Обединетите нации денес соопшти дека ерменската влада известила оти околу 19.000 луѓе избегале во Ерменија од Нагорно-Карабах од 23 септември, откако Азербејџан започна операција за преземање контрола врз областа.
„Овој повеќедецениски конфликт, кој повторно се разгоре, расели многу илјади луѓе“, рече Филипо Гранди, висок комесар на Обединетите нации за бегалци.
„Нашите екипи се на терен и се обидуваат да пружат итна помош. Треба да се погрижиме цивилите да бидат заштитени и хуманитарната помош да може да стигне до оние на кои им е потребна“.
САД, исто така, ќе испратат помош за Нагорно-Карабах, како што истакна Белата куќа во соопштението објавено денес.
„САД најавуваат дополнителна хуманитарна помош за здравствена заштита и другите итни потреби, помагајќи им на локалните заедници да обезбедат засолниште и основни материјали - како што се хигиенски комплети, ќебиња и облека, со цел да се одговори на потребите на оние кои се погодени или раселени од насилство во Нагорно - Карабах“, рече портпаролот на Советот за национална безбедност Адриен Вотсон во соопштението на Белата куќа.
Регионот Нагорно-Карабах е целосно во рамките на Азербејџан, но беше под контрола на етнички Ерменци од 1994 година, додека делови од него беа вратени од Азербејџан за време на војната во 2020 година.