Линкови за пристапност

Азербејџан и етничките Ерменци постигнаа договор за прекин на огнот во Нагорно-Карабах


Азербејџан и етничките ерменски власти во отцепениот регион Нагорно-Карабах постигнаа договор за прекин на огнот во средата, еден ден откако Азербејџан ја започна, како што ја нарече, „антитерористичка“ операција.

Договорот, постигнат со посредство на руските мировници, бара сепаратистичките сили да се разоружаат и ерменските сили да се повлечат од областа.

Азербејџанските власти и претставниците на етничките Ерменци во регионот, исто така, треба да одржат разговори во четврток во азербејџанскиот град Јевлах за иднината на областа.

Советот за безбедност на ОН, исто така, треба да одржи итен состанок за ситуацијата во четврток.

Ерменските власти соопштија дека во борбите, кои продолжија и во средата, загинаа најмалку 32 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Насилството донесе меѓународни повици за мир, вклучително и од Русија и папата Франциско.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш повика на итен прекин на борбите и сите страни да се фокусираат на напорите за воспоставување долгорочен мир во регионот, се вели во соопштението на неговиот портпарол.

Американскиот Стејт департмент соопшти дека државниот секретар Антони Блинкен во вторникот телефонски разговарал со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан.

Блинкен му рекол на Алиев дека нема воено решение и дека Азербејџан и етничките Ерменци во Нагорно-Карабах „мора да го продолжат дијалогот за да ги решат отворените разлики“.

XS
SM
MD
LG