Никој не е над законот, почитувајте ја независноста на судството, ѝ порачаа САД на Северна Македонија

Белата куќа завеана од снег во Вашингтон, 6 јануари 2025 година

Народот заслужува неговите лидери и функционери да бидат повикани на одговорност, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик функционер на Стејт департментот

САД велат дека корупцијата продолжува да биде значителна пречка за напредокот на Северна Македонија и главна причина поради која економските реформи не успеваат, а младите се иселуваат.

Функционер на Стејт департментот, за Гласот на Америка на македонски јазик, вели дека пораката на САД до новата влада е иста каква што била и до претходната влада:

„Никој не е над законот; применете ги вашите постоечки алатки и закони за поголем резултат; и почитувајте ја судската независност. Народот заслужува неговите лидери и функционери да бидат повикани на одговорност“.

Вели дека САД поддржуваат да се казнат оние што ги искористуваат дупките во законите и кои работат за сопствен интерес, наместо за луѓето што ги избрале на таа функција.

„Се потпираме на граѓаните да бараат интегритет од нивната влада и да бараат последици за оние кои ја изневеруваат довербата на јавноста“.

Но, рече дека очекува и судиите да бараат одговорност од корумпираните.

„И додека САД ќе продолжат да бараат одговорност од корумпираните актери, наша надеж - и наше очекување - е дека судството и структурите за спроведување на законот во Северна Македонија ќе го сторат истото“.

Нагласи дека целта на САД е да помогнат во градењето на јавната доверба во демократските институции преку зајакнување на одговорноста и интегритетот на сите нивоа на власта, како и „да помогнат да се подобрат законодавните рамки и да осигураат дека антикорупциските тела се независни и ефективни“.

Санкции и одговорност

Изминатиов период САД преземаа директни мерки за санкционирање на лица вклучени во корупција.

Стејт департментот на 9. декември ги стави на црна листа поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелациониот судија Енвер Беџети за вклученост во значителна корупција.

Функционерот вели дека се очекува ажурирање на списокот на санкции, како што истрагата ќе открива нови докази, но не кажа временска рамка кога тоа ќе се случи.

„Санкциите се алатка која се користи за адресирање на сериозни прекршувања, а одлуките за додавање нови имиња на списокот се носат по темелни проценки и евалуација на доказите. За Северна Македонија специфичен фокус е ставен на борбата против корупцијата и поддршката на судските реформи. Како што истрагите носат нови докази за недолично однесување, особено вклучувајќи ги оние на моќни позиции, очекуваме да следат ажурирања на списокот на санкции. Иако не можеме да обезбедиме конкретна временска рамка, можеме да кажеме дека веруваме оти ќе бидат додадени повеќе имиња и може да очекувате дека сите идни санкции ќе ја одразуваат нашата посветеност на промовирање одговорност и поддршка на владеење на правото во Северна Македонија“.

Тој го поздрави неодамнешното дополнително обвинение против градоначалникот на Струга Рамис Мерко, кој во 2023 година беше означен од САД за вмешаност во значителна корупција.

„Охрабрени сме од неодамнешната најава на главниот обвинител да им даде приоритет на случаите на корупција и веста за дополнителни обвиненија против Рамис Мерко, означен од САД, како и намерите за гонење на други одредени лица. Ние тесно соработуваме со властите во Северна Македонија, граѓанското општество и меѓународните организации за да осигураме дека реформите ќе фатат корен“.

Дали закочените пристапни преговори со ЕУ може да влијаат на посветеноста на владата на антикорупциските реформи?

Постојаната корупција може да го попречи напредокот кон Европската Унија, вели функционерот.

Сепак, САД остануваат оптимисти за заложбата на државата да ги спроведе потребните реформи.

„Северна Македонија е клучен играч на Западен Балкан, кој служи како модел за мирно решавање на конфликти и евроатланска интеграција. САД ги избираат нивните партнери на Балканот врз основа на оние кои го приближуваат регионот до Европа, кои ја покажуваат својата посветеност кон НАТО и ја продолжуваат борбата против корупцијата. Од суштинско значење е да се признае дека додека постојаната корупција може да претставува ризик за безбедноста и да го попречи напредокот кон интеграцијата во ЕУ, Северна Македонија покажа посветеност на решавање на овие прашања преку тековни реформи и соработка со меѓународните партнери“.

Според него, европскиот пат е клучен за безбедноста и регионалната стабилност.

„САД се посветени да ѝ помогнат на новата влада да ги реализира овие заеднички цели. Унапредувањето на евроатлантските интеграции на Северна Македонија е клучен дел од градењето на подобрa иднина“.

Двопартиска американска заложба за борба против корупцијата

Двете американски администрации, и сегашната и идната, ја истакнаа важноста за справување со корупцијата на Западен Балкан.

За време на администрацијата на претседателот Џо Бајден, САД санкционираа повеќемина, меѓу кои поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, Ратка Камчева, Сергеј и Ирина Самсонеко, Орце Камчев, поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.

И кампањата на Доналд Трамп, пред тој да победи на изборите на 5 ноември, за Гласот на Америка на македонски јазик, рече дека борбата против корпцијата ќе биде важен дел од надворешната политика на претседателот Трамп за Западен Балкан.