Владејачките партии ликуваат, опозицијата ја поздравува, ДУИ ќе ја почитува, а амбасадата на САД порачува дека ќе се бара одговорност од сите кои се вмешани во криминал и корупција – така изгледа ситуацијата во земјава по одлуката на Стејт департментот на т.н. „американска црна листа“ да ги стави поранешниот заменик-премиер и висок функционер на „интегративците“ Артан Груби, како и судијата Енвер Беџети, поради вмешаност во значителна корупција.
„Ние во минатото многу пати зборувавме за сето ова, за кое сега и официјално нашите стратешки партнери, меѓународната заедница го посочува. Јас можам само да кажам дека во периодот кој што следи уште многу потврди на сето она за кое сме имале сомневање ќе излезе во јавноста и јавноста ќе биде запознаена“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Шефицата на државата Гордана Сиљановска-Давкова очекува сега, откако реагираа меѓународните партнери на земјава, истото да го направат и надлежните домашни институции.
„Очекувам судот и јавниот обвинител да почнат да постапуваат. Не смееме како досега да останеме мирни, и така некои кои се нашле на црните листи да си продолжат со своите редовни активности. Ако јавните обвинители треба да постапуваат по допрен глас, треба да постапат и во случајов. Во спротивно, ние не реагираме тогаш кога мора и на тој начин го толерираме беззаконието“, рече Сиљановска-Давкова.
Американската амбасадорка Анџела Агелер денеска, на прес-конференција, ги повтори своите пораки кои ги прати и синоќа, преку социјалните мрежи, веднаш по објавувањето на веста за „новодојденци на црната листа“ – дека САД нема да толерираат политичко мешање во работата на судството.
„Се надевам дека овој чекор многу јасно покажува дека САД можат и ќе ги користат сите алатки кои ги имаат на располагање за да ги повикаат на одговорност оние поединци чии криминални активности ги поткопуваат сигурноста стабилноста и вредностите на владеење на Северна Македонија. Се надевам дека судството и органите надлежни за спроведување на правото во оваа земја ќе го направат истото. Граѓаните на оваа земја не заслужуваат ништо помалку. Назначувањето поединци кои се вклучиле во корупција и криминал е процес кој трае, има динамична листа која постојано се разгледуваат и доказите внимателно се разгледуваат во Вашингтон. Овој процес продолжува има и други имиња кои во моментот се разгледуваат“, изјави Агелер.
Од ДУИ, партијата на Груби, денеска, по повеќе од 12 часа од објавувањето на веста, изјавија дека ја почитуваат одлуката на Стејт Департментот.
„Како партија, остануваме посветени на стратешката соработка со Соединетите Американски Држави и на зајакнување на демократските вредности и транспарентноста“, стои во кусото соопштение на ДУИ.
Социјалдемократите, во чии влади во изминатите години Груби беше вицепремиер, ја поздравија одлуката на Вашингтон велејќи дека е исклучително важна во борбата против корупцијата.
„Сите сомнежи за корупција и злоупотреби на јавни средства мора да бидат истражени и санкционирани без компромис од страна на правосудните органи во Северна Македонија. Го охрабруваме целиот правосуден систем во државата да работи посветено и без двоумење на расчистување со сите форми на криминал и корупција, со цел да обезбеди праведност и еднаквост за сите граѓани. Апел до сите партии да се остават правосудните органи да си ја завршат својата работа“, рече Јована Тренчевска од СДСМ.
Од врвот на Алијанса за Албанците, коалицискиот партнер на партијата на Ахмети, стигнаа повици до Груби и до Беџети да се повлечат од политичкиот живот и од институциите.
„Борбата против корупцијата означува важен чекор во градењето на владеењето на правото и нашата иднина. Ги повикуваме апострофираните да се повлечат од институционалниот и политичкиот живот и да се соочат со обвиненијата како слободни граѓани“, пишува Зијадин Села.
Еден час откако вчеравечер, Стејт департментот ја обелодени одлуката, самиот Артан Груби се произнесе на социјалните мрежи.
„Во недостиг на детални информации, дознав од медиумите за денешната одлука на Стејт департментот. Како човек кој својот јавен живот го посвети на одбраната на западните демократски вредности и кој секогаш посветено работеше за членството на земјата во НАТО и во Европската Унија, оваа одлука ме засега директно и лично. Ќе се обврзам со сета посветеност и максимално, заедно со сите наши пријатели и партнери, со кои ја споделувавме визијата и работевме со години за интеграција на земјата во евроатлантските структури, целосно да го разјасниме ова прашање“, напиша Груби на Фејсбук.
Артан Груби и Енвер Беџети се најдоа на листата поради „вмешаност во значителна корупција“ – поточно поради примање поткуп за судските процеси кои се водеа против Сашо Мијалков, поранешниот директор на сега веќе расформираната Управа за безбедност и контраразузнавање.
„...Стејт департментот јавно ги означува Артан Груби и Енвер Беџети за нивна вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, директор на Управата за безбедност и контраразузнавање на Северна Македонија“, стои во образложението на Стејт депарментот.
Инаку, и самиот Мијалков од 2022 година се наоѓа на црната листа поради истите причини – вмешаност во корупција.