Московскиот суд ја отфрли жалбата на Гершкович против продолжување на неговиот притвор

„Вол Стрит Џурнал“ ја осуди последната пресуда, според која Гершкович ќе биде задржан во притвор најмалку до 30 јуни

Московскиот суд денес ја одби жалбата на американскиот новинар Иван Гершкович против продолжувањето на неговиот истражен притвор во случајот за шпионирање што тој и американската влада го отфрлија како лажен и политички мотивиран.

Гершкович, дописник на „Вол Стрит Џурнал“ од Русија, е затворен од март 2023 година, под обвинение за шпионажа што тој, неговиот работодавец и американската влада, жестоко го негираат.

Стејт департментот рече дека е незаконски притворен.

„Вол Стрит Џурнал“ ја осуди последната пресуда, според која Гершкович ќе биде задржан во притвор најмалку до 30 јуни.

„Продолжува да биде срамота тоа што Иван е незаконски приведен од руската влада повеќе од една година“, се вели во соопштението на весникот.

„Слободата на Иван е одамна задоцнета и ја повикуваме администрацијата да направи се` што е во нејзина моќ за да го обезбеди неговото ослободување“.

Рочиштето денес беше техничка жалба против претходната одлука за повторно продолжување на притворот на Гершкович до крајот на јуни.

До денес, руските истражители јавно не доставија докази за да ги поткрепат обвинувањата против Гершкович.

Гершкович, кој беше акредитиран од руското Министерство за надворешни работи да работи таму како новинар, помина повеќе од една година затвор.

Вашингтон ја обвини Москва дека го држи американскиот новинар како заложник и го користи како политички пион.

Амбасадорката на САД во Русија Лин Трејси, последен пат го посети Гершкович во затворот на 18 април.

„И покрај континуираното чекање за почетокот на неговото судење, Иван останува во добро расположение, поттикнат од континуираните пораки за поддршка“, се вели во соопштението на Амбасадата на САД во Москва.

За време на рочиштето во вторникот, Гершкович се насмевна и го подигна палецот кога новинарот го праша како е.

Минатата недела, Комитетот за надворешни односи на Сенатот на САД усвои двопартиска резолуција со која се повикува на итно ослободување на Гершкович.

Резолуцијата „силно потврдува дека новинарството никогаш не треба да биде замолчено со прогон или заплашување“, рече во изјавата сенаторот Бен Кардин од Мериленд.

Претходно овој месец, Роџер Карстенс, специјален претставник на американскиот претседател за заложнички работи, им изјави на новинарите дека американската влада е во процес на составување нова понуда за Москва за да обезбеди ослободување на Гершкович и Пол Вилан, уште еден Американец кој се смета дека е незаконски приведен во Русија.

Исто така, овој месец, рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков им изјави на новинарите дека Москва и Вашингтон користат „специјализиран затворен канал“ за да разговараат за размена на затвореници што може да го вклучи Гершкович, според рускиот државен медиум ТАСС.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно посочи дека Москва ќе биде подготвена да го замени Гершкович за руски оперативец кој моментално е затворен во Германија за убиство на чеченски дисидент во парк во Берлин во 2019 година.

На крајот на 2023 година, Русија беше рангирана на четвртото место во светот во однос на затворањето на новинари, со 22 затвореници зад решетки, според Комитетот за заштита на новинарите.

Гершкович е еден од двајцата американски новинари затворени во Русија.

Другата е Алсу Курмашева, новинарка на Радио Слободна Европа, која е во затвор од октомври 2023 година.

Таа е обвинета за кршење на рускиот закон за странски агенти, и дека го шири она што Кремљ го смета за лажни информации за руската војска.

Курмашева и нејзиниот работодавач остро ги отфрлаат обвиненијата против неа, кои предвидуваат казна од 15 години затвор.

Американските власти рекоа дека обвиненијата против Курмашева се неосновани.

Но, Стејт департментот сè уште не одлучил дали ќе ја прогласи Курмашева за погрешно притворена, и покрај постојаните повици од групите за слобода на печатот до Стејт департментот да го стори тоа.

Некои информации во овој текст се од агенцијата Франс-прес