Украина може да победи ако го одржиме единството, рече Бајден

  • VOA

Бајден додаде дека „Путин е во тешка позиција“ и дека санкциите наметнати за руската нафта треба да ѝ отежнат на Русија да води војна

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Украина може да победи во војната против руската агресија доколку САД продолжат да ја поддржуваат и да помогнат во одржувањето на единството во Западна Европа.

Говорејќи на прес-конференција во Белата куќа во петокот вечерта по телефонскиот разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски, Бајден рече дека „постои реална можност“ Украина да победи доколку Западот го задржи единството, за Русија да претрпи големи загуби.

„Денеска имав долг разговор со Зеленски и мислам дека се` додека продолжиме да го одржуваме единството во Западна Европа, што се однесува до Украина, постои реална шанса Украинците да победат, бидејќи цената за Русија е неверојатно висока“, рече Бајден.

Тој додаде дека Русија има „повеќе од 600 илјади мртви или ранети“ за време на агресијата од големи размери, а севернокорејските војници кои беа донесени во Русија за војната против Украина „исто така имаат висока стапка на смртност“.

Бајден додаде дека „Путин е во тешка позиција“ и дека санкциите наметнати за руската нафта треба да ѝ отежнат на Русија да води војна.

„Санкциите се воведени денеска бидејќи тие во голема мера ќе влијаат на растот на руската економија и ќе го отежнат Путин да ги води своите војни“, рече Бајден.

На прашањето дали санкциите ќе влијаат на цената на бензинот за Американците, претседателот Бајден одговори дека „веројатно е дека цените на бензинот би можеле да се зголемат за три до четири центи по галон“ (3,8 литри), но тоа „ќе има подлабоко влијание врз способноста на Русија да продолжи да дејствува како што постапува за време на војната“.

Претходно во петокот, САД воведоа најголеми санкции за руската енергија, најголемиот извор на приходи за воената машина на Кремљ.

Санкциите се насочени и кон финансискиот систем што Русија го користи за придвижување пари поврзани со трговијата со нафта.

„Секоја рубља што ја земаме од рацете на Путин помага да се спасат животи на Украина“.

На прес-конференцијата Бајден ја истакна потребата да продолжи да се создава притисок врз руската економија.

„Мислам дека е многу важно тој да нема простор да дише за да продолжи да ги прави оние страшни работи што ги правеше. И, како што реков, тој има свои важни проблеми, и економски и домашно- политички“, рече Бајден.

„И затоа решив да направам се` што е во моја моќ и овластување за да ѝ ги дадам на Украина сите предности што може да ги има за поддршка на независна Украина“, додаде Бајден, нагласувајќи дека како претседател ги користел сите свои овластувања за да ја поддржи Украина.

На прес-конференција одржана 10 дена пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, Бајден рече дека е убеден оти САД треба да продолжат да ѝ помагаат на Украина.

„Знам дека има значителен број демократи и републиканци во Конгресот кои веруваат дека треба да продолжиме да ја поддржуваме Украина“, рече Бајден.

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека е неопходно да се „заврши оваа војна“ и тоа ќе може да го направи преку преговори со рускиот претседател Владимир Путин.

Извор: Украинска редакција на Гласот на Америка