Претседателот на САД Џо Бајден предупреди на можност Русија да изврши сајбернапади против американските интереси или да распореди биолошко или хемиско оружје во Украина речиси еден месец откако почна руската инвазија.
Бајден, вчера, пред група бизнис лидери рече дека рускиот претседател Владимир Путин не проценил со каква опозиција ќе се соочи.
„Сега тој зборува за нови измислени операции, и тврди дека ние во Америка имаме биолошко оружје, како и хемиско оружје во Европа. Едноставно не е точно“, изјави Бајден, и додаде дека „тие, исто така, сугерираат оти Украина има биолошко и хемиско оружје. Тоа е јасен знак дека размислува да ги искористи и двете“.
Бајден, исто така, рече дека има „разузнавачки информации“ дека руската Влада ги „истражува опциите за потенцијални сајбернапади“ против САД, како одговор на американските санкции.
Претседателот го повика приватниот сектор итно да ја зацврсти сајберодбраната.
Русија го отфрли предупредувањето на Бајден. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денес рече дека Русија „не се вклучува во бандитизам на државно ниво“.
Лидерите на САД, Франција, Германија, Италија и Велика Британија, вчера разговараа за загриженоста за бруталните тактики на Русија во Украина, ја истакнаа нивната континуирана поддршка за Украина преку обезбедување одбранбена и хуманитарна помош, и ги разгледаа неодамнешните дипломатски напори за поддршка на напорите на Украина да постигне прекин на огнот, изјави Белата куќа.
На крајот на неделава, Бајден ќе присуствува на самит на НАТО, на состанок на групата Г7 и на самит на Европскиот совет во Брисел, сите со фокус на Украина. Бајден потоа се очекува да отпатува во Полска.
Портпаролот на Кремљ Песков денес рече дека Русија би сакала да види „активни и суштински“ разговори Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека е подготвен да разговара за низа прашања со Путин, вклучително и за заложба на Украина да не влезе во НАТО, како дел од напорите да се постигне прекин на огнот.
Зеленски денес рече дека разговарал за „тешката хуманитарна ситуација“ со папата Франциск, и нагласи дека улогата на папата во посредувањето да се стави крај на човечкото страдање ќе биде ценета.
Дел од информациите се преземени од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес