Украина го отфрли рускиот ултиматум да го предаде Мариупол, додека руските сили интензивно го гранатираа главениот град Киев.
Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук го отфрли руското барање и рече дека Русија треба да отвори хуманитарни коридори за луѓето да можат да го напуштат Мариупол.
„Не може да се зборува за какво било предавање и положување оружје. Веќе ја информиравме руската страна за ова“, изјави Верешчук за весникот „Украинска правда“.
Според руската државна новинска агенција РИА, руското Министерство за одбрана ѝ дало на војската на Украина рок до утринава да го стори тоа, а одбивањето на предлогот го нараче застанување на страната на „бандитите“.
Шефот за надворешна политика на Европската Унија Жосеп Борел, ги опиша акциите на Русија во Мариупол како „ужасни“.
„Она што се случува во Мариупол е воено злосторство. Уништување на сè, бомбардирање и убивање на сите на неселективен начин“, рече Борел пред министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.
При гранатирање во текот на изминатава ноќ беше погоден трговски центар во Киев, при што загинаа најмалку четири лица, додека градоначалникот на Киев Витали Кличко најави нов полициски час до среда наутро.
Британското министерство за одбрана денес информираше за тешки борби северно од Киев, но рече дека рускиот напредок кон главниот град е попречен, а најголемиот дел од руските сили се` уште се наоѓаат на повеќе од 25 километри од центарот на градот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за Си-ен-ен вчера, рече дека неуспехот да се постигне договор со Русија би значело „Трета светска војна“.
Зеленски повика на сеопфатни мировни преговори со Москва кои ќе го вратат територијалниот интегритет и ќе обезбедат правда за Украина.
Главниот руски преговарач вели дека двете страни се приближиле до договор изминативе денови за прашањето Украина да се откаже од апликацијата за влез во НАТО, како и да усвои неутрален статус.
Но, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, денес изјави дека треба да има поголем напредок пред Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин да се сретнат за да се обврзат на каков било договор.
Лидерите на САД, Франција, Германија, Италија и Велика Британија, денес ќе разговараат за, како што рече Белата куќа „нивните координирани одговори кон неиспровоцираниот и неоправдан напад на Русија врз Украина“.
Состанокот се одржува неколку дена пред самитот на НАТО, состанокот на Г-7 и самитот на Европскиот совет, сите фокусирани на ситуацијата во Украина.
Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, агенцијата Франс-прес и Ројтерс