Големо етничко чистење се случува пред очите на светот. Тоа во разговор за Гласот на Америка, го вели Рон Хавив, наградуван воен фоторепортер, кој деновиве известува од Киев.
„Гледаме етничко чистење од големи размери. Луѓето земаат една, две торби, нивните деца, миленичиња и сè друго оставаат зад себе“.
Вели дека луѓето зад себе го оставаат сиот живот граден со генерации.
„Покрај физичкото заминување на луѓето се работи и за историјата на семејствата. Нивните домови, куќи. Некои домови стари и со генерации, би можеле да бидат загубени засекогаш. Очигледно никој не знае како ќе заврши овој конфликт. Гледајќи го ова како се повторува, се крши срцето, кога сфаќате што всушност се случува. А се случува во срцето на Европа“.
Нивните домови, куќи, би можеле да бидат загубени засекогаш. Очигледно никој не знае како ќе заврши овој конфликт
Хавив пристигнал во Украина речиси две недели пред инвазијата. Животот во Киев до последен момент се одвивал регуларно, со отворени ресторани, продавници и без големо воено присуство. Но, после нападите, свеста кај луѓето бргу се променила.
„Украинците се адаптираа многу бргу, многу ефикасно, особено во одбраната на Киев, каде во првите денови на руските сили им се даде можност да пробаат да влезат во градот. Иако изгледаше дека заостануваат и дека не се подготвени, тие одлично се покажаа“.
Откако загинаа неколкумина медиумски работници, движењето на новинарските екипи им е ограничено.
„Украинците сега се обидуваат да го ограничат движењето на новинарите, поради стравување за нашата безбедност, што е разбирливо. Но, во исто време, со тоа не му се дозволува на светот да види што се случува тука, особено во близина на бојното поле. Влијанието од веста за тоа што им се случува на украинските цивили, се губи. Сите ние ќе продолжиме да документираме, за луѓето да разберат што се случува“.
Вели дека тие како известувачи од конфликти се свесни за сопствениот ризик, но целта на информацијата е многу повисока.
Го документираат тоа што излегува дека се воени злосторства. Тоа е една од улогите што ние, како новинари ја имаме.
„На некои места, како Мариупол, има двајца новинари од Асошиејтед прес. Камерман и фоторепортер, кои се таму од почетоците, и кои го документираат тоа што излегува дека се воени злосторства. Тоа е една од улогите што ние, како новинари ја имаме. Да документираме, не само за медиумско консумирање за луѓето да разберат што се случува, а особено светските лидери да разберат преку нашата работа за овдешната состојба. Но, и за следните фази, кога војната ќе заврши кога Меѓународниот трибунал би одлучувал дали некој ќе биде обвинет за воени злосторства. Тие до некаде би се потпрале на информациите што тука ги создаваме“.
Во деведесеттите години известувал и од судирите во поранешна Југославија. Посочува дека има многу сличности со тоа што се случува денес.
„Има многу сличности со ова овде. Но, разликата со Украина е тоа што нема ембарго за оружје. Светот се обидува да ги поддржи Украинците, што е спротивно од тоа што го направија до некој степен кон Босанците и кон Хрватите. Во тоа е големата разлика“.
Мариупол многу потсетува на Вуковар во Хрватска, кој беше под опсада три месеци, што до тогаш беше најдолгата опсада на еден град после Втората светска војна.
Сепак додава дека има сличност меѓу Мариупол и опсадата на Вуковар.
„Но, мислам дека духот на луѓето. отпорот кај луѓето дефинитивно е сличен со Хрватите и Босанците, кои додека се бореа, веруваа дека се во право, дека ќе победат. Мариупол многу потсетува на Вуковар во Хрватска, кој беше под опсада три месеци, што до тогаш беше најдолгата опсада на еден град после Втората светска војна.“
Хавив додава дека ова е воедно и војна на информации. Истакнува дека е огромен напливот од видеа и фотографии што ги испраќаат самите учесници во конфликтот. Сепак, укажува дека веродостојноста на тие содржини, нема гаранција.
„Визуелизацијата што доаѓа со видеата и фотографиите создава нов поглед кон војната, каков што не е виден до сега. Исклучително е битно, како публика да бидете свесни за тоа од каде доаѓаат тие информации. Дали доаѓа од релевантна медиумска организација што проверува дали овие фотографии или видеа се реални, точни, дали се од оваа војна“.
Веќе има голема пропаганда од двете страни со дезинформации што можат да имаат големо влијание.
Укажува дека публиката, гледачите, читателите треба да бидат внимателни поради голема пропаганда од двете страни.
„Веќе има голема пропаганда од двете страни со дезинформации што можат да имаат големо влијание. Се наоѓаме во нов свет и ние како публика треба да сме ревносни и многу внимателни кон тоа што го прифаќаме, дали е вистинито или не“.
Од војната во Украина известуваат медиумски работници од речиси целиот свет. До сега, најмалку петмина од нив ги загубија животите.
Facebook Forum