Ескалација на конфликтот во Украина, пандемијата, но и политиките за заживување на економијата доминираа во првото, редовно годишно обраќање во Конгресот на претседателот Џо Бајден за состојбата во нацијата. Главен акцент беше неиспровоцирана инвазија на Русија врз Украина и големата светска криза, но и ургентноста за одбрана на демократијата, особено што, според него, рускиот напад врз Украина е битка меѓу демократијата и автократското однесување во глобални рамки.
„Минатата година, Ковид не раздвои. Оваа година, конечно сме повторно, заедно. Вечерва се среќаваме како демократи, републиканци и независни. Но, најважно, како Американци“, рече американскиот претседател.
Првите 12 минути од едночасовното обраќањето во ударен вечерен термин ги посвети на светската криза, број еден. „Низ нашата историја ја научивме оваа лекција - кога диктаторите не плаќаат цена за нивната агресија, тие предизвикуваат поголем хаос. Продолжуваат понатаму. И, трошоците и заканите за Америка и светот постојано се зголемуваат“, изјави претседателот Џо Бајден.
Тој ја образложи неопходноста од Алијансата. „НАТО е создаден за да обезбеди мир и стабилност во Европа по Втората светска војна. САД се членка во НАТО заедно со 29 други нации. Тоа е важно. Американската дипломатија е битна. Војната и нападот од Путин врз Украина, беше однапред смислен и неиспровоциран“, рече Бајден и обвини дека Путин ги отфрли напорите во дипломатијата. „Тој мислеше дека Западот и НАТО нема да одговорат. Сметаше дека може да не подели дома, во Европа. Но, Путин згреши. Ние сме обединети, заедно“, истакна првиот човек на САД.
Претседателот се осврна на жестоките санкции врз Русија. „Заедно со нашите сојузници - во моментов спроведуваме моќни економски санкции. Ги исековме најголемите руски банки од меѓународниот финансиски систем. Го минираме пристапот на Русија до технологија што ќе ја намали нејзината економска сила и ќе ја ослаби нејзината војска во годините што доаѓаат. Вечерва, истакна Бајден, им порачувам на руските олигарси и корумпираните лидери кои потрошија милијарди долари од овој насилен режим – нема повеќе!
Нашите сили не одат во Европа за да се борат во Украина, туку да ги бранат нашите НАТО сојузници - во случај Путин да одлучи да продолжи да се движи кон ЗападБајден, претседател на САД
Тој од говорницата во Конгресот повтори дека американските сили не се ангажирани и нема да се вклучат во конфликт со руските сили во Украина. „Нашите сили не одат во Европа за да се борат во Украина, туку да ги бранат нашите НАТО сојузници - во случај Путин да одлучи да продолжи да се движи кон Запад, порача Врховниот командант на САД.
Бајден се осврна во годишното обраќање за состојбата во нацијата и за начините за заживување на економијата.
„Нашата економија создаде над 6,5 милиони нови работни места само минатата година, повеќе работни места создадени за една година од кога било досега во историјата на Америка. Нашата економија порасна со стапка од 5,7% минатата година, што е најсилен раст во последните 40 години, прв чекор во донесувањето фундаментални промени во економијата која предолго не функционира за работниците на оваа нација, изјави претседателот.
„Еден начин за борба против инфлацијата е да се намалат платите и да се направат Американците посиромашни. Имам подобар план за борба против инфлацијата. Намалете ги трошоците, а не платите. Направете повеќе автомобили и полуспроводници во Америка. Повеќе инфраструктура и иновации во Америка. Повеќе стоки се движат побрзо и поевтино во Америка. Повеќе работни места каде што можете да заработите добар живот во Америка. И, наместо да се потпираме на странски синџири на снабдување - да го направиме тоа - во Америка“, изјави претседателот при што наиде на овации од законодавците.
Бајден рече дека економистите сугерираат „зголемување на продуктивниот капацитет на нашата економија“. „Ја нарекувам изградба на подобра Америка. Мојот план за борба против инфлацијата ќе ги намали трошоците и ќе го намали дефицитот, нагласи претседателот.
Бајден акцентот за обновата на нацијата го насочи кон инвестиции во инфраструктурата. „Вечерва најавувам дека оваа година ќе започнеме да поправаме над 65.000 милји автопат и 1.500 мостови кои се во фаза на распаѓање. Кога користиме долари од даночните обврзници за обнова на Америка - ќе купиме американски: ќе купиме американски производи за поддршка на американските работни места“, рече Бајден. Тој порача дека федералната влада троши околу 600 милијарди долари годишно за да ја одржи земјата безбедна. Бајден потсети дека скоро еден век постои закон да се осигуриме дека доларите на даночните обврзници ги поддржуваат американските работни места и бизниси.
Годишното обраќање во Конгресот, го заврши зборовите: состојбата во нацијата е силна - затоа што вие, американскиот народ, сте силни! Денеска сме посилни отколку пред една година. И за една година од сега, ќе бидеме посилни отколку денес. Сега е нашиот момент да ги надминеме предизвиците на нашето време, истакна претседателот Бајден.
Одговорот на обраќањето на претседателот Бајден од републиканската партија го донесе гувернерката од Ајова Ким Рејнолдс од Дес Моинс, која стекна национална популарност по нејзините изјави и акции поврзани со пандемијата со коронавирусот, коишто честопати беа спротивни на мерките и политиките кои ги промовираше Белата куќа. Рејнолдс, како што се очекуваше, жестоко ја критикуваше домашната и надворешно-политичка агенда на претседателот Бајден. Taa е првата жена избрана за гувернер на оваа сојузна држава и бараше училиштата повторно да се отворат за полно работно време, и посетување настава со физичко присуство. Рејнолдс се спротивстави на овластувањата за маски и вакцини и скептично зборуваше за ефикасноста на маските за забавување на ширењето на вирусот.
Во одговорот од републиканската партија за надворешно-политичката агенда на претседателот Бајден, Рејнолдс рече дека „катастрофалното повлекување од Авганистан направи повеќе отколку што чинеше американски животи; ги предаде нашите сојузници и ги охрабри нашите непријатели. Северна Кореја повторно тестира ракети со алармантна брзина, претседателката на Претставничкиот дом неодамна ги предупреди нашите олимписки спортисти да не зборуваат против Кина, а сега Русија започна неиспровоцирана целосна воена инвазија на Украина - напад на демократијата, слободата, и владеењето на правото“, истакна Рејнолдс. „Сега сите Американци мора да застанат обединети во солидарноста со храбриот народ на Украина додека тие храбро ја бранат својата земја од тиранијата на Путин, и се борат за својата слобода“, изјави републиканската гувернерка од Ајова.
Таа ја критикуваше перцепцијата на администрацијата на Бајден дека инфлацијата е „проблем на високата класа“. „Можам да ви кажам дека тоа е проблем на сите. Со платите се купува сè помалку. Забележувам, рече таа, како работниците избираат кои основни продукти да ги однесат дома, а кои да ги остават на касите. Според неа, решенијата во делот на економијата на претседателот Бајден се иста болка за цела нова генерација.