САД денес објавија дека ќе ги замрзнат средствата на рускиот претседател Владимир Путин и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, по слични чекори преземени од Европската Унија и Велика Британија, додека државите ширум светот се обидуваат да ги заострат санкциите против руската Влада поради нејзината инвазија на Украина.
Министерството за финансии на САД ја објави мерката откако министрите за надворешни работи на ЕУ на состанокот во Брисел едногласно се согласија да го замрзнат имотот и банкарските сметки на највисоките руски функционери.
Британската влада ја презеде истата мерка денес, а министерката за надворешни работи Лиз Трас напиша на Твитер: „Нема да престанеме да му нанесуваме економска болка на Кремљ додека не се врати украинскиот суверенитет“.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова, рече дека санкциите против Путин и Лавров ја одразуваат „апсолутната немоќ“ на Западот во надворешната политика, според новинската агенција РИА.
Американските и западните власти, пак, предупредија дека руските сили кои напредуваат кон Киев и другите клучни градови како дел од планот за „обезглавување“ на владата на Украина се чини дека изгубиле дел од динамиката.
Висок официјален претставник на американската одбрана, кој ги брифираше новинарите под услов да остане анонимен, со цел да разговара за разузнавањето, рече дека рускиот напад ослободил бараж од повеќе од 200 балистички и крстаречки ракети од почетокот на инвазијата, а повеќето од нив биле насочени кон украинската војска.
Но, функционерот рече дека разузнавачките информации покажале дека операцијата не се одвивала толку глатко како што се надевале руските команданти.
„Русите изгубија малку од својот моментум“, рече претставникот, нагласувајќи дека „тие не напредуваат толку далеку или толку брзо колку што веруваме дека очекуваа дека ќе напредуваат“.
Американскиот функционер додаде дека „тие наидуваат на поголем отпор отколку што очекуваа“,и нагласи дека руските сили допрва треба да воспостават воздушна супериорност и покрај нумеричката предност и напорите да се елиминира украинската противвоздушна одбрана.
Украинската команда и контрола „се недопрени“, додаде официјалниот претставник.
Во Киев, украинскиот претседател Володимир Зеленски се обиде да ја собере својата нација, отфрлајќи ги гласините дека побегнал од градот и инсистирајќи дека тој и другите владини претставници се тука и ја бранат независноста на дражавата.
Државниот секретар на САД Ентони Блинкен денеска разговараше со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, за да понуди поддршка и да ги осуди извештаите за зголемените смртни случаи на цивили, вклучително и оние на украински деца, поради воздушни напади и системи за лансирање ракети во и околу Киев.
„Секретарот го изрази својот бес поради бруталните тактики на Кремљ и ја нагласи континуираната поддршка на САД за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.
Во изјавата, исто така, се нагласува дека Блинкен му нагласил на министерот за надворешни работи Кулеба дека САД ќе продолжат да даваат поддршка за Украина за да ѝ помогнат да се одбрани од руската агресија.
Русија, пак, рече дека повеќе нема да има работа со САД како вообичаено.
„Руското Министерство за надворешни работи вели: „Да се прави бизнис како и обично во односите со САД повеќе нема да функционира“, објави руската новинска агенција РИА Новости.
Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, Франс-прес и Ројтерс