Линкови за пристапност

Жителите на Гренланд преферираат целосна независност


Жителите на Гренланд преферираат целосна независност
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:40 0:00

Американскиот претседател Доналд Трамп постојано изјавува дека Америка треба да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска. Но, жителите на Гренланд префеираат целосна независност. Известува Хенри Риџвел.

Ова место е локално познато како „работ на светот“. За уметничката и истражувачка на Инуитите, Виви Волд, тоа е место за повлекување во природата - суштински на нејзиниот гренландски идентитет.

„Чувствувам дека сега има повеќе гордост отколку порано. Гордоста отсекогаш била тука, но се чини дека сега е поприсутна. Сè што правам е за земјата и природата: ловот, климата и начинот на кој размислуваме“, вели Волд.

Статуа на мисионерот Ханс Егеде стои над главниот град Нук. Жителите живееле под различни степени на данска власт уште откако Егеде дошол овде во 1721 година. Владата сега е главно автономна - и се залага за целосна независност.

„Треба да можеме да разговараме меѓу себе како ќе изгледа независноста, каква благосостојба сакаме, каква демократија, какви институции треба да имаме, каков устав. Тие дебати ги сакаме“, вели Наја Натаниелсен, министерка за ресурси на Гренланд.

Може ли Гренланд да биде самостоен? Само 57.000 луѓе живеат на 2,1 милиони квадратни километри на островот. Данска плаќа годишен грант од околу 800 милиони долари, што е половина од приходите на владата.

Постојат надежи дека глобалното внимание сега на Гренланд ќе ги отклучи инвестициите за искористување на неговото огромно минерално богатство.

Нов меѓународен аеродром беше отворен во ноември - бидејќи убавината на островот привлекува повеќе туристи.

Засега, риболовот е најголемата индустрија на Гренланд - сочинува околу 85% од вкупниот извоз. Тоа е длабоко врежано во гренландскиот начин на живот.

Јеспер Јакобсен, кој води рибарска задруга во Нук, вели дека Гренланд може да биде независен.

„Имаме риба и имаме природни ресурси. Американците би можеле да платат многу пари за да го изнајмат северниот дел на Гренланд. Тие би можеле да го користат за нивната војска. Тогаш ќе ја имаме нашата независност бидејќи Американците ќе платат многу за да го изнајмат северниот дел на Гренланд“, вели Јакобсен.

Во канцеларијата на Јакобсен има капа „Make America Great Again“ или МАГА - дадена од придружбата на Доналд Трамп Јуниор кога синот на американскиот претседател го посети Гренланд на почетокот на јануари.

Посетата продолжува да предизвикува бурни реакции. Јутјуберите се повеќе присутни по посетата на Трамп Јуниор, кој даваше американски долари и капи со слоганот „Направи го Гренланд повторно голем“. Некои локални жители го поздравуваат вниманието.

„Не сакам да бидам дел од Данска. Не ми се допаѓа тоа. Зедоа деца и нè колонизираа“, вели Ханс Луис Петерсен, студент во Нук.

Тоа било дел од програмата од 1950-тите на данската држава каде што децата од Гренланд биле носени во Данска.

Во 2022 година се појави и информација дека данските лекари во 60-тите и 70-тите години им вградувале контрацептивни средства на жените и девојките од Инуити без нивна дозвола. Скандалите дополнително ја поттикнаа кампањата за независност.

Колонијалната историја се судри со глобалната геополитика – ставајќи го Гренланд во центарот на светското внимание. Нејзината влада, пак, има јасна порака.

„Многу прецизно кажавме дека Гренланд, а и ние во оваа земја, не сакаме да бидеме Американци. Ние не сакаме да бидеме ниту Данци. Ние сме Гренланѓани“, истакна Муте Б. Егеде, премиер на Гренланд.

Постои опипливо чувство за растечкиот гренландски идентитет. Но, иднината на овој остров и на неговите жители останува далеку од јасна.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG