Линкови за пристапност

Женската заедница за нуркање ги предизвикува површинските претпоставки за пол, раса и возраст


Заедницата за нуркање Скуба Мар Меидс обединува жени од различни возрасти, раса и потекло за заедничка страст за подводниот свет. Гениа Дулот од Гласот на Америка известува од Панама, каде што им се придружи на некои од овие жени на нуркање.

Инструкторката за нуркање, Маира Томас, одржува часови за нуркање на група жени од Соединетите Американски Држави. Таа ги донела во Панама за да ги истражат подводните чуда на Националниот парк Коиба.

Нуркањето е претежно машки спорт, вели Томас, која ги приспособува своите нуркачки инструкции на жените.

„Како да се научат жените и како да се вградат знаењата и вештините кај нив. Но, исто така и како да се биде повеќе грижлив, затоа што чувствувам дека на жените им треба малку повеќе грижа", вели Маира Томас, инструкторка за нуркање.

Томас, која 15 години се занимава професионално со нуркање, вели дека честопати била одбиена за работа затоа што била жена. Потенцијалните работодавци тврделе дека таа не може да извршува тешки работи или може да биде премногу емотивна во екстремна ситуација.

За да им помогне на повеќе жени да се вклучат во нуркање, таа го започна Скуба Мар Меидс пред неколку години. Со седиште претежно во САД, тоа е онлајн заедница на жени кои патуваат и нуркаат заедно.

Стефани Бенџамин, полицајка од американската сојузна држава Тексас, вели дека нуркањето е бегство од стресот на нејзината работа.

„Нуркањето е многу смирувачко. Внатре во океанот е многу студено. Се спушташ внатре и се дружиш со желки. Не мора да разговарате со никого. Тоа е како да патувате на Марс и е нешто сосема непознато како дивина“, изјави нуркачката Стефани Бенџамин.

Лорен Грин, учителка по пливање од Канзас Сити, Мисури, во САД, вели дека луѓето често се изненадени кога таа ќе им каже дека нурка.

„Сметам дека имам можност да им покажам на другите млади афроамериканки дека јас нуркам и сум афроамериканка што нурка и дека и тие може да го направат ова. Не плашете се. Сè што треба да направите е да вложите труд, да вложите време и да стекнете знаење”, вели нуркачката Лорен Грин.

Гејл Кол, медицинска сестра од Тексас, доби сертификат како нуркач пред околу две години на 59-годишна возраст. Таа вели дека треба напорно да работи за да остане во форма за нуркање, но нејзината возраст не ја спречува.

„Со целото мое срце верувам дека колку години имаш е хронолошки и не можеш да ја смениш годината кога си роден. „Стара“ е психолошки, а во мојата глава имам околу 35 години, па би можелада нуркам уште 35 години”, смета нурчката Гејл Кол.

За само неколку години, заедницата Мар Маид порасна од 80 жени на речиси пет илјади. Членките велат дека носењето розово под вода е нивниот начин да покажат дека се силни, авантуристички жени.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG