Линкови за пристапност

Зеленски во САД ќе бара оружје со долг дострел и ќе го претстави планот за победа


Зеленски во Скрентон, Пенсилванија
Зеленски во Скрентон, Пенсилванија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата изјави дека кога ќе го посети Вашингтон оваа недела, ќе изврши притисок за Украина да користи ракети со долг дострел на цели во Русија.

Зеленски зборуваше неколку часа откако потврди дека САД и Велика Британија сè уште не го овластиле Киев да користи такво оружје на овој начин.

Но, во неговото вечерно обраќање во саботата тој рече:

„Ги убедуваме нашите партнери - и ќе продолжиме да зборуваме за ова следната недела - дека на Украина ѝ требаат целосни долгорочни капацитети“.

За време на неговата посета на Вашингтон, Зеленски планира да го сподели со американскиот претседател Џо Бајден својот „победнички план“ за ставање крај на војната.

Украинскиот лидер, исто така, планира да разговара со двата главни кандидати за претседател на САД - потпретседателката и демократска кандидатка Камала Харис и републиканскиот кандидат, поранешниот претседател Доналд Трамп.

Киев со недели го притиска Западот да му дозволи да користи оружје со долг дострел доставено од Запад за да напаѓа цели во Русија.

Со тоа, рече Зеленски, може да се промени текот на војната, две и пол години откако Москва го нападна својот сосед.

„Ниту Америка, ниту Обединетото Кралство ни дадоа дозвола да го користиме ова оружје на територијата на Русија, на која било цел, на која било далечина“, изјави Зеленски пред новинарите доцна во петокот.

„Мислам дека тие се загрижени од ескалација“.

Рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека ако Украина користи оружје со долг дострел обезбедено од Западот за да напаѓа цели на руска територија би значело дека земјите на НАТО се во војна со Русија.

Но, Зеленски навести дека не се откажал од надежта дека Бајден би можел уште да биде убеден.

„Имавме некои одлуки во историјата на нашите односи со Бајден - многу интересни и тешки дијалози“, рече украинскиот лидер.

„Подоцна го промени своето мислење“.

Близок советник на Бајден овој месец рече дека тој ќе го искористи преостанатото време на функцијата за „да ја стави Украина во најдобра можна позиција за да надвладее“.

Борбите продолжуваат

Зеленски патува во САД по лето на интензивни борби.

Московските сили напредуваат во источна Украина, додека Киев со недели држи делови од руската област Курск.

Руската армија сега е на околу 10 километри од источниот украински центар Покровск, каде што Киев брзаше да ги евакуира луѓето од областите на фронтот.

Војната се одолговлекува скоро 31 месец, а напорите за прекин на борбите досега се покажаа неуспешни.

Со месеци Москва се обидува да го заземе Покровск, сега пуст град во кој некогаш живееле 60.000 жители.

Зеленски повтори дека Украина е подготвена да ја покани Русија на вториот меѓународен мировен самит во ноември „бидејќи сите наши сојузници, вклучително и нашите најблиски“ рекоа дека Русија треба да биде таму.

Самитот во ноември, рече тој, ќе биде „основа за разговор во кој било формат со Русија“.

Но, во саботата Русија рече дека нема да учествува на таков самит и ги повтори условите на Путин дека Москва ќе дојде на маса само ако Киев предаде четири од своите региони.

Многу поинаква ситуација

Зеленски рече дека зема предвид оти „ќе имаме многу поинаква ситуација во ноември“ по изборите во САД.

Тој рече дека планира да се сретне со Харис за да „види што мисли таа за планот за победа“ и „дефинитивно“ да се сретне со Трамп.

Додека Харис посочи дека ќе ја продолжи политиката на Бајден за поддршка на Украина, Трамп - со кого Зеленски се очекува да се сретне в среда или в четврток - одби во неодамнешната изборна дебата да заземе страна во врска со војната.

Трамп беше многу критичен за помошта од милијарди долари што САД ѝ ја обезбедија на Украина.

Киев е загрижен дека ако Трамп освои втор мандат, Вашингтон би можел да ја ослаби својата посветеност кон Украина.

На бојното поле, Зеленски рече дека Киев погодил две складишта за оружје во јужна и западна Русија, вклучително и клучно место за силите на Москва.

Руските власти најавија одредена евакуација и прогласија локална вонредна состојба.

Киев, исто така, рече дека руските напади врз родниот град на Зеленски, убиле 12-годишно момче и две жени во нивните 70-ти.

Во напад во друг град загинале и 12-годишно девојче и жена на 20-годишна возраст.

XS
SM
MD
LG