Линкови за пристапност

Украина ги покани ОН и Меѓународниот комитет на Црвениот крст во руската област Курск


Центар за дистрибуција на хуманитарна помош за евакуирани од регионот Курск
Центар за дистрибуција на хуманитарна помош за евакуирани од регионот Курск

Украина денес соопшти дека побарала од Обединетите нации (ОН) и Меѓународниот комитет на Црвениот крст, да се приклучат на хуманитарните напори во рускиот регион Курск по прекуграничниот упад на украинските сили.

Украинската армија е во регионот Курск повеќе од еден месец по започнувањето на нападот, во кој претседателот Володимир Зеленски вели дека Киев ја презел контролата врз околу 100 населени места.

Руското министерство за одбрана денес соопшти дека нивните сили ја вратиле контролата врз уште две села.

Украинскиот министер за надворешни работи Андреј Сибига рече дека му наложил на своето министерство да ги покани ОН и Меѓународниот комитет на Црвениот крст да работат во регионот Курск во неделата.

Министерството потврди дека ги издало барањата.

„Украина е подготвена да ја олесни нивната работа и да го докаже своето придржување кон меѓународното хуманитарно право“, рече Сибига на Икс по посетата на регионот Суми, од каде што украинските сили го започнаа нападот преку граница.

Тој рече дека украинската армија обезбедува хуманитарна помош и безбеден премин за цивилите во регионот Курск.

Министерството за надворешни работи соопшти дека поканите се испратени до ОН и Меѓународниот комитет на Црвениот крст „земајќи ја предвид хуманитарната ситуација и потребата соодветно да се обезбедат основните човекови права на територијата на регионот Курск“.

Рече дека побарало од Меѓународниот комитет на Црвениот крст да ја следи усогласеноста на Украина со принципите на меѓународното хуманитарно право.

Не беше веднаш јасно како и дали тие реагирале.

Руската државна новинска агенција ТАСС го цитираше портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков дека таквите изјави се „провокативни“.

Тој јасно стави до знаење дека Москва, која ја започна својата ОН и Меѓународниот комитет на Црвениот крст да не ги прифатат поканите.

Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи рече дека реакцијата на Кремљ покажува непочитување на хуманитарните потреби на сопствениот народ и страв да се дозволи меѓународните набљудувачи да ја видат ситуацијата во Курск.

Руската државна новинска агенција РИА соопшти дека претседателката на Меѓународниот комитет на Црвениот крст Мирјана Шпољариќ допатувала во посета на Москва и планирала да се сретне со министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.

Минатата недела, руското гранатирање уби тројца Украинци кои работеа за Меѓународниот комитет на Црвениот крст, а рани уште двајца во село во регионот на Доњецк, на фронтот, соопштија украинските власти.

Шпољариќ ги осуди нападите.

XS
SM
MD
LG