Руската војска денес соопшти дека уништила 144 украински воздушни беспилотни летала лансирани во ноќните напади насочени кон региони низ западна Русија.
Противвоздушната одбрана соборила 20 од беспилотните летала над московскиот регион, каде што гувернерот Андреј Воробјов рече дека дроновите оштетиле станбени згради и домови.
Во нападот загинало најмалку едно лице, а повредени се уште тројца, изјави Воробјов на Телеграм.
Најмногу пресретнувања имало над регионот Брјанск долж руско-украинската граница, но тамошните власти не пријавиле штета или жртви по соборувањето на 72-те дронови.
Руската воздушна одбрана, исто така, соборила украински беспилотни летала над регионите Курск, Тула, Белгород, Калуга, Воронеж, Липецк и Ориол.
Гувернерите во повеќето од тие области на Телеграм рекоа дека нема извештаи за жртви.
Најновите руски воздушни напади врз Украина вклучија употреба на беспилотни летала за да го таргетираат регионот на Киев, кој беше под постојан напад овој месец.
Серхи Попко, шеф на воената администрација на Киев, на Телеграм рече дека воздушните тревоги се слушале два часа во вторникот, но дека украинската воздушна одбрана ги соборила сите руски беспилотни летала насочени кон главниот град.
Воздухопловните сили на Украина денес соопштија дека собориле 38 од 46 беспилотни летала користени од Русија во нападите во текот на ноќта.
Украинското министерство за надворешни работи вчера соопшти дека го повикало иранскиот вршител на должност во знак на протест поради можноста Техеран да ја снабдува Русија со балистички ракети.
Министерството на Телеграм објави дека дало остро предупредување оти потврдата за испорака на ракети до Русија ќе има „погубни и непоправливи последици“ за нивните билатерални односи.
Белата куќа изјави за Гласот на Америка минатата недела дека е „алармирана“ од непотврдените западни вести дека невиден ирански трансфер на ракети во Русија за употреба против Украина неодамна се случил или ќе се случи веднаш.
„Вол Стрит Џурнал“ во петокот објави дека американски и европски претставници во последните денови утврдиле дека Иран ѝ испорачал балистички ракети на Русија, што би било прво за растечкото воено партнерство на двата антизападни сојузника.
Кремљ ги отфрли информациите, а иранските власти во понеделникот негираа дека ѝ доставиле ракети на Русија.
Некои информации во овој текст се од Франс-прес и Ројтерс