Вашингтон воведува нови санкции против Иран поради неговата испорака на проектили на Русија за употреба во нелегалната инвазија на Москва на Украина, објави вчера американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Американскиот Стејт департмент соопшти дека санкциите имаат за цел дополнително да ги ограничат „дестабилизирачките активности на Иран“ и да таргетираат поединци и бизниси со седиште во Иран и Русија, вклучително и водечкиот ирански авиопревозник „Иран Ер“, за кој САД рекоа дека е вклучен во трансферот на оружје.
Портпаролот на Пентагон Пет Рајдер, потврди дека Иран префрлил пратки со балистички ракети од близок дострел Фат-360 во Русија и дека тие би можеле да бидат употребени против Украина „во рок од неколку недели“.
Пред трансферот, рускиот воен персонал беше обучен во Иран да го користи овој систем, рече тој.
Рајдер го нарече трансферот на Иран на ракетите со краток дострел, кои можат да погодат цели до 120 километри, „загрижувачки развој“ што го продлабочува рускиот воен арсенал.
„Треба да се претпостави дека ако Иран ѝ дава на Русија вакви типови ракети, дека е многу веројатно дека тоа нема да биде еднократен договор [и] дека ова ќе биде извор на способност што Русија ќе се обиде да го искористи во иднина“, додаде тој.
Зборувајќи во Лондон, Блинкен рече дека растечката соработка меѓу Русија и Иран „ја загрозува европската безбедност и покажува како дестабилизирачкото влијание на Иран достигнува далеку подалеку од Блискиот Исток“.
„Од своја страна, Русија ја споделува технологијата што ја бара Иран“, изјави Блинкен за новинарите.
„Ова е двонасочна улица, вклучително и за нуклеарни прашања, како и за некои вселенски информации“.
Блинкен додаде дека рускиот претседател Владимир Путин сега се` повеќе се потпира на помошта од Иран и Северна Кореја за да добие оружје, што е јасно кршење на повеќе резолуции на Советот за безбедност на ОН, а добива помош и од Кина.
„Една од причините што Путин може да ја продолжи оваа агресија е поради обезбедувањето поддршка од Народна Република Кина, најголемиот снабдувач на машински алати, најголемиот снабдувач на микроелектроника, а сето тоа ѝ помага на Русија да ја одржи својата одбранбена индустриска база“.
Без конкретно идентификување на балистичките ракети, Москва во понеделникот потврди дека Русија и Иран соработуваат во „најчувствителните“ области.
„Иран е наш важен партнер“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков за новинарите во телефонски разговор.
„Ние ја развиваме нашата соработка и дијалог во сите можни области, вклучувајќи ги и најчувствителните“.
За време на посетата на Блинкен и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами на Киев оваа недела, украинскиот претседател Володимир Зеленски најверојатно ќе бара западните сојузници да му дозволат на Киев да ги користи нивните ракети со долг дострел на цели во Русија, рече аналитичарот Гарет Мартин, кодиректор на Трансатлантскиот центар за политики на Американскиот универзитет во Вашингтон.
„Општо земено, Обединетото Кралство беше често повеќе во првите редови, можеби повеќе во авангардата, за поголема поддршка на Украина“, рече тој за Гласот на Америка.
„Значи, тука е прашање - особено ако размислувате за дебатите за ударите со долг дострел - дали тие сега можат да излезат на некој вид слична позиција“.
Зборувајќи за „Скај њуз“ во вторникот пред посетата на Киев, Блинкен рече дека американскиот претседател Џо Бајден „не ја исклучува“ можноста Украина да користи ракети испорачани од САД за да напаѓа цели во Русија.
Украина го имаше „она што иѝ требаше, кога и беше потребно, за да биде ефикасна во одбивањето на руската агресија“, рече Блинкен.
Британскиот премиер Кир Стармер в петок треба да го посети Бајден во Вашингтон, а на врвот на агендата се Украина и Блискиот Исток.
„Особено за Украина и за Блискиот Исток, следните неколку недели и месеци се критично важни“, изјави Стармер за Би-Би-Си во неделата.
„И затоа, важно е за мене да разговарам со претседателот Бајден за нашиот заеднички одговор, одговорот на нашите сојузници за итни, непосредни прашања“.
Минатата недела, Велика Британија објави прекин на продажбата на оружје на Израел поради загриженоста од нејзините напади врз цели на Хамас во Газа, што Израел го негира.
САД продолжуваат да доставуваат оружје и велат дека не веруваат оти Израел го крши меѓународното право.
Дописничката од Пентагон Карла Баб придонесе за овој текст