Американските гласачи велат дека нема сомнение дека САД се поларизирани спроти претседателските избори во ноември.
„Мислам дека е нацијата е најподелена што сме ја виделе од веројатно ерата на борбата за граѓански права. Има луѓе кои не можат ни да разговараат“, вели Џон Ларуса, гласач.
Инженерот Мајкл Мекдермот верува дека политички поларизираните медиуми придонесуваат за проблемот.
„Имате разни медиуми за одделни гледишта. Сè што ќе слушнете - некако мора да го земете со резерва“, смета Мекдермот.
Истражување од 2023 година покажа дека Американците сметаат оти медиумите се одговорни за поткопување на демократијата и за зголемување на политичките поделби, наместо за намалување на истите. Само 16% рекле дека се многу уверени дека медиумите пренесуваат вести - целосно, точно и правично.
„Кога ги читате вестите со формулацијата што ја користат се обидуваат да ве натераат да размислувате на еден или на друг начин“, вели Ники Долче, жителка на САД со право на глас.
Поларизацијата на медиумите не се случи преку ноќ, вели Џастин Овен, претседател на Бикон Центарот од Тенеси, организација за јавна политика на слободен пазар.
„Тоа се кликови, нели? Колку да се биде поекстремен во позициите што ги поставувате, тоа ќе привлече повеќе внимание“, вели Овен.
Многумина, исто така, ги обвинуваат социјалните медиуми за ширење на политичките поделби.
„Луѓето и на тие платформи го кажуваат своето мислење. Мислам дека го разгорува само пламенот“, посочува гласачот Марк Вест.
Но, иако традиционалните и социјалните медиуми може да ги зголемуваат поделбите, експертите велат дека тие не ги предизвикуваат.
„Постојат многу малку докази дека медиумите ги убедуваат луѓето во нивните длабоко втемелени уверувања. Поларизацијата се случуваше пред да се променат медиумите и пред да оживеат партиските вести“, вели Џоана Данавеј, политички аналитичар од универзитетот на Сиракуза.
Како што се ближат претседателските избори, Данавеј вели дека има голема загриженост за ширење дезинформации и зголемените предизвици со кои се соочуваат просечните корисници на вести за да ја разликуваат вистината од фикцијата.
Facebook Forum