Кога се појавија на гласачките места во март, регистрираните демократски и републикански гласачи во Аризона беа јасни за тоа кого би сакале нивната партија формално да номинира за претседателската трка во 2024 година.
„Џо Бајден, мислам дека тој е единствениот кандидат кој ни нуди слобода, демократија и слобода за сите, а не само за луѓето кои гласаат за него“, вели Хауард Вебстер, гласач од Аризона.
„Гласав за Доналд Трамп. Верувам дека тој е единствениот кој е подготвен да се заложи за Уставот како што е напишан и тој е единствениот што е нападнат од сите други поради таа причина“, додава Николас Пена, гласач од Аризона.
Политичкиот екстремизам и заканите за демократијата се најважните проблеми со кои се соочуваат САД, според гласачите анкетирани од Ипсос во средината на април. Демократите се загрижени за авторитаризмот.
„Навистина, демократите кога велат да се спаси демократијата, тие навистина велат дека е спасување на демократијата од Трамп. Ова го нарекуваме гласање против Трамп и според нашата проценка тоа е околу 25% од возрасната популација“, вели Клифорд Јанг, од Ипсос.
Независните се на страната на демократите во нивните грижи, но републиканците заштитата на демократијата ја гледаат од поинаков агол.
„Многу од критиките на десницата меѓу републиканците се за нефункционален систем, систем контролиран од елитите или наместен од елити. Така, на крајот, кога републиканците го дефинираат спасувањето на демократијата, тие навистина зборуваат за изборната машинерија и за правичноста на изборите воопшто“, додава Јанг.
Самиот Трамп предизвика чувство на итност кај своите следбеници.
„Ако не победиме на 5 ноември, мислам дека нашата земја ќе престане да постои. Тоа би можело да бидат последните избори што некогаш ги имаме. Навистина мислам на тоа“, истакна Трамп.
Во неговата кампања за повторен избор, претседателот Џо Бајден, исто така, предупредува за ризиците што ги гледа во враќањето на Трамп во Белата куќа.
„Нашата демократија е навистина загрозена. Кога тој зборува да биде диктатор на првиот ден, тој мисли дека може да негира елементи од Уставот“, рече Бајден.
Земајќи предвид дека анкетите покажуваат слика само во одреден момент, 38 отсто од гласачите анкетирани од Ипсос, мислат дека Бајден има подобар план да им пристапи на заканите за демократијата, во споредба со 29 отсто кои веруваат дека тоа го прави Трамп.
Освен заштитата на демократијата, анкетираните гласачи ги ставија економијата и имиграцијата како нивна главна грижа пред изборите.
Facebook Forum