Пред ординацијата на матичната лекарка од Охрид, Виолета Мицкоска, деновиве се чека во редици за преглед. Најголемиот дел од пациентите се со симптоми на сезонски грип. Погодени се сите, но најмногу децата, како и пациентите во поодминати години. Неделно на државно ниво се пријавуваат и повеќе од 1.000 пациенти. Според Институтот за јавно здравје во текот на третата недела од 2025 година, се пријавени за 34,1 отсто повеќе граѓани во споредба со претходната недела.
Но, дали дел од пациентите се со симптоми на Ковид-19, лекарите не можат точно да утврдат, бидејќи велат симптомите по кој е карактеристичен грипот се слични или исти со оние на ковид-19.
„Некои се многу слични, со главоболки, болки во грло, затнат нос, упорни кашлици, малаксаност, болки по телото немање апетит. И секој вирус ги има тие симптоми. Не е она Ковид што беше некогаш. Има нековид болни, кои се докажани со тест дека се негативни, а се со потешка клиничка слика“, вели Виолета Мицкоска, матична лекарка во Охрид.
Мицкоска вели дека има и такви пациенти, кои доаѓаат со потешки компликации.
„Има доста на долните респираторни патишта, компликации во смисла на бронхитис и пневмонија. Обично кај деца до 3 години и кај повозрасни, кои имаат други коморбидитети, а не е исклучена можноста и кај здрави пациенти“, додава Мицкоска.
Иако вирусот ковид-19 вирусот е се’ уште присутен, не прави проблеми од размери, какви што беа за време на пандемијата. Тоа го покажуваат официјалните бројки на Институтот за јавно здравје.
Од почетокот на 2025 година, регистрирани се 13 заболени лица, додека во декември 2024, се бележи намалување за 50 отсто, во споредба со месец ноември. Досега се земени 707 материјали, за тестирање, со цел утврдување на присуство на Ковид 19 вирусот. Но епидемиолозите сметаат дека малиот број на ковид пациенти се должи и на малиот интерес кај граѓаните за тестирање.
„И оние кои се болни, тие се со многу лесна клиничка слика, дел од нив не се тестираат или сами дома се тестираат, не се пријавуваат кај матичниот лекар и немаме точна евиденција. Мал е интересот многу, сметаат дека имаат имунитет, затоа што дел од нив прележале, дел примиле вакцина, и затоа сметаат дека и да заболат ќе поминат со полесна клиничка слика“, посочува Јованка Струлакова Коровешоска, епидемиолог во Институтот за јавно здравје во Охрид.
Струлакова Коровешоска очекува во наредниот период да има зголемен број на пациенти со ковид инфекции.
„Покрај другите респираторни инфекции кои циркулираат, се очекува зголемување и на бројот на пациенти со ковид инфекција. Минатата година овој период имавме на почетокот на второто полугодие и завршувањето на празниците, заради тие блиски контакти имавме и зголемен број на заболени со ковид инфекција“, објаснува таа.
Од Институтот за јавно здравје велат дека ниската стапка на трансмисија на SARS-CoV-2, намаленото известување и малиот број на примероци за тестирање имаат влијание врз способноста за прецизно да се процени епидемиолошката ситуација. Лицата на возраст од 60 години се со најголем ризик од тешка болест, велат од таму:
„Продолжува препораката за вакцинацијата на лицата со висок ризик од тешки форми на болест и лош исход, како што се повозрасните лица“.
Неодамна Светската здравствена организација објави, дека пет години после појавата на Ковид пандемијата, стапката на смртност од овој вирус опаѓа. Ако во јуни 2021 година, на четири хоспитализирани пациенти имало еден починат, тој број сега е еден на 25. Според СЗО, намалениот процент на тестирање, се одразува негативно врз следењето на ширењето и евентуалните промени на вирусот.
Facebook Forum