Гласот на Америка првпат се сретна со рускиот инструктор за нуркање Тамара Таторина пред две години, една недела по руската инвазија на Украина.
Потоа, Таторина беше на Малдивите, водејќи група руски туристи и се справуваше со откажаните летови и санкциите што го отсекоа финансискиот систем на Русија од меѓународните плаќања.
Денес, повторно е на Малдивите, и се надева дека војната и санкциите наскоро ќе завршат.
„За мојот бизнис, сакаме на прво место да се укинат санкциите за банките и платежната мрежа SWIFT за моите туристи да можат да ги користат нивните банкарски картички во странство, а ние да можеме да плаќаме од руските банки во меѓународните институции“, вели Таторина.
Во изминатите три години, Русија работеше на производство на повеќе сопствените производи, за да ги замени продуктите од западните компании.
Руската туристка Дарија Чумаченко вели дека тоа значело недостиг на производи и пад на квалитетот.
„Не можеме да им дадеме на нашите домашни миленици добри вакцини од западниот свет. Иако примаат руски алтернативни вакцини, кучињата многу се разболуваат“, вели Чумаченко.
Александар Парфенов е увозник од Москва кој вели дека неговиот бизнис значително пораснал од почетокот на војната во Украина, особено кога се префрлил на крипто-валути за меѓународни трансакции избегнувајќи финансиски санкции.
„И покрај тоа што мојот бизнис се шири поради санкциите, не сакам луѓето да продолжат да умираат. Покрај тоа, потрошувачките цени во Русија сè уште растат. Сега луѓето можат да си дозволат помалку за истите пари отколку во 2021 година. Тие се посиромашни. На прво место, сакам мир! Ќе се справиме со санкции, но сакаме војната да заврши“, вели Парфенов.
Неговата сопруга Елвира Парфенова ги поздравува напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да преговара за мир во Украина.
„Мислам дека многу Руси се надеваа дека Трамп ќе ја запре војната. Изјавуваше дека ќе го направи тоа. Во исто време, како што спомна мојот сопруг, не можеме да бидеме сигурни бидејќи Трамп, како секој претседател, ќе лобира за интересите на својата земја“, додава Парфенова
Федор Скуратов е споственик на руски ИТ бизнис. Тој не гледа траен мир меѓу Русија и Украина сè додека Украина продолжи, како што вели, со нејзината длабоко анти-руска политика.
„Оваа територија на Украина не може да постои како анти-руска енклава. Русија нема да може да прифати дека оваа територија и начинот на кој таа изгледа и се управува во моментов, да биде независна и да има анти-руски пристап“, вели Скуратов.
Додека овие руски туристи мислат дека можеби ќе треба уште малку време Русија и Украина да се договорат за мировните услови, сите тие велат дека сакаат војната да заврши - наскоро.
Facebook Forum