Овде, во населбата Мала Арабија во Калифорнија, Анахајм, активисти повеќе од три децении се бореа за нова категорија на пописот во САД - МЕНА - за Американците кои го следат своето потекло од Блискиот Исток и Северна Африка.
Американката со палестинско потекло Ајах Шијада вели дека поради тоа што морала да го штиклира полето „белец“ на федералните обрасци, се чувствувала невидлива во американското општество.
„Никогаш не чувствував како да се вклопам во полето „белец“ и поради тоа секогаш се обидував да означам било кое друго поле, дали азиско или некое друго. Сега конечно може да се чувствуваме дека сме видливи и дека е во ред да се биде Палестинка. Во ред е да се биде Арапка”, вели Шијада.
МЕНА вклучува речиси 30 различни идентитети, вели координаторот за политика и истражување на Арапско-американскиот граѓански совет Амин Неш.
„Ги вклучува Иран, Ирак, Саудиска Арабија, Арапскиот полуостров, па сè до Палестина. Потоа од Африка, Египет, Тунис, Алжир, Либија, па сè до Мароко”, посочува Неш.
Неш вели дека често зависи од тоа како луѓето се гледаат себеси културно. На пример, Израелците, кои се вклучени во МЕНА, често се идентификуваат како „бели“ затоа што го следат своето потекло во Источна Европа, додека Ерменците, смета тој, треба да бидат вклучени во новата категорија бидејќи тие често имигрираат во САД од Блискиот Исток.
Извршниот директор на Арапско-американскиот граѓански совет Рашад Ал-Дабаг вели дека новата пописна категорија ќе им помогне на Американците со арапско потекло подобро да се застапуваат за нивните потреби.
„Да имаме своја посебна заедница значи дека можеме да имаме бројки, можеме да имаме податоци, знаеме колку блискоисточни северноафрикански луѓе живеат во нашите заедници. За нас, како арапско-американски граѓански совет, важно е кога ги мобилизираме луѓето да гласаат, кога разговараме со нашиот претставник во Конгресот, да имаме податоци и можеме да им речеме: ‘Имаме многу луѓе кои живеат во вашата област. Ние сме голема заедница и треба да ги слушате нашите потреби’, вели Ал-Дабаг.
Ал-Дабаг вели дека промената ќе им олесни на членовите на неговата заедница да аплицираат за малцински деловни заеми, да ги следат прекршувањата на граѓанските права и да погледнат како различните здравствени проблеми влијаат врз членовите на МЕНА.
Повеќето луѓе овде во населбата Мала Арабија на Анахајм ја поздравуваат промената. Американецот со потеклот од Либан, Тони Хаким не ја поддржува промената. Посетувајќи ја оваа пекара за традиционален либански леб, тој вели дека промената е повеќе разделувачка отколку инклузивна.
„Тоа што навистина го сакате е луѓето да започнат да размислуваат: „Јас сум Американец. Јас сум тука. Не сакам да се вратам таму од каде што дојдов, бидејќи местото од каде што дојдов, го оставив зад себе. Сега со нетрпение очекувам да бидам во Америка и да бидам дел од американската култура и да се идентификувам како Американец”, смета Хаким.
Новата категорија МЕНА ќе биде поставена за следниот попис на населението во САД во 2030 година.
Facebook Forum