Доктор Вивек Мурти, водечко американско официјално здравствено лице, го прогласи насилството со оружје во САД за јавна здравствена криза, повикувајќи на поголема контрола на оружјето, вклучително и забрана на автоматските пушки.
Извешатјот на Мурти ги нагласува стратегиите за намалување на смртните случаи поради оружје, како што е спроведувањето универзални проверки на позадината за купувачите на оружје, забраната за полуавтоматско оружје за цивилна употреба и барањето безбедно складирање оружје.
Во документот се вели дека насилството со оружје е водечка причина за смрт кај младите од една до 19 години во САД.
„Зголемениот број на деца и адолесценти кои умираат од повреди поврзани со оружје и влијанијата врз менталното здравје на општеството го прават насилството со оружје итна јавна здравствена криза во Америка“, се вели во извештајот.
Според него, 48.204 луѓе во САД починале од повреди поврзани со оружје во 2022 година, што вклучува самоубиство, убиство и ненамерна смрт.
Стапката на насилство со оружје во САД е висока во споредба со онаа во другите земји.
„Податоците од Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) и Светската здравствена организација (СЗО) покажаа дека, во 2015 година, вкупната стапка на смртност поврзана со оружје била 11,4 пати повисока во САД во споредба со 28 други земји со високи приходи“.
Предупредувањата на Мурти имаат за цел да ја кренат свеста за јавните здравствени прашања.
Мурти, кој беше номиниран од американскиот претседател Џо Бајден, го опиша насилството со оружје како „итна закана“ и рече дека „проблемот продолжува да расте“, во неговата изјава.
Администрацијата на Бајден поддржува поголема контрола на поседувањето оружје, наведувајќи ги честите масовни пукања во училишта и други јавни места.
Но, таа се соочува со силен отпор од застапниците за правата на оружјето, кои велат дека Вториот амандман на Уставот на САД им дозволува да поседуваат широк спектар на огнено оружје.
Некои информации во текстот се од агенцијата Франс-прес