Полицијата во сојузната држава Илиноис приведе лице од интерес во врска со пукањето за време на вчерашна парада за Денот на независноста.
Роберт Е. Кримо Третиот (22) беше приведен пред Хајленд Парк, богато предградие на Чикаго, каде што шест лица загинаа, а повеќе од 30 други беа ранети при пукање на парада за Денот на незавиноста на САД.
Полицијата соопшти дека пет лица загинале на местото на настанот, додека уште едно лице починало во болница.
Мексиканското министерство за надворешни работи соопшти дека еден од убиените е мексикански државјанин.
Лекар во болницата во Хајленд Парк вели дека примиле 26 ранети луѓе од парадата на возраст меѓу осум и 85 години.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека тој и првата дама Џил Бајден се „потресени од бесмисленото вооружено насилство што повторно донесе тага на американската заедница на овој Ден на независноста“.
Пукањето во Хајленд Парк се случи повеќе од една недела откако претседателот Бајден го потпиша првиот голем федерален закон за огнено оружје усвоен од Конгресот во последните децении.
Двопартискиот предлог-закон за компромис беше усвоен по двете масовни престрелки во мај, вклучително и расистички напад во кој загинаа 10 луѓе во самопослуга во црнечка населба во Бафало, Њујорк, и масовно пукање во основно училиште во Увалде, Тексас, во кое загинаа 19 ученици и двајца наставници.
Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес