Ако некоја земја навистина максимално и целосно нè поддржува, тоа е Америка. Со САД склучивме шест нови договори на повеќе од 20 милиони евра од кои дел се за софистицирани дронови. Сите средства се директно од фондовите на Соединетите држави, вели министерот за одбрана, Владо Мисајловски во разговор за Гласот на Америка.
Со Мисајловски разговаравме и за евентуалното македонско воено учество во можна мировна мисија во Украина, за македонската позиција во спрегата ЕУ – САД, за застојот во набавката на новите армиски хеликоптери, како и за новиот оглас за прием на 300 професионални војници во македонската армија.
Во продолжение го пренесуваме разговорот:
Министре Мисајловски, сведочиме за поделеност меѓу САД и ЕУ во барањето решение за војната меѓу Русија и Украина. Која е македонската позиција во оваа спрега?
Токму така, сега имаме една нова реалност што доаѓа од новата администрација на претседателот Трамп, каде што навистина се сменија многу позиции. Но, ме радува фактот што мирното решавање на сето ова што се случува на нашиот континент е во фокус и навистина треба да се поздрави. Ние како земја сме помагале и помагаме постојано, но она што сега е клучно е што е сменет наративот.
Имав можност неколку пати да го споменам ова: Ако на изминатите состаноци каде што јас бев дел, и во НАТО и на одредени други состаноци во Брисел, се разбира, фокусот беше колку дополнителна опрема да се дава, која земја повеќе да даде од својата опрема кон Украина.
Сега се разговара сосема различно, односно се разговара колку таа опрема била ефикасна. Што се постигнало во овие три години со таа опрема. Бидејќи, со самата опрема што се дава од различни земји, самата Русија сè повеќе и повеќе произведува ново оружје. Или, она што го спомнаа во НАТО, за три месеци се произведува повеќе воена опрема во Русија од сите земји во Европа што се членки на НАТО.
Го поздравувам сето она што се случува во овој момент да се најде решение. Добро и ЕУ земјите, особено најголемите сили да бидат исто така предводници на овој процес. Има различни наративи во јавноста, но ова станува фокус на геополитиката во светот. Добро е што најголемата сила сака и бара начин да се најде решение.
Ние сме на страната на НАТО, нашите позиции се јасни. Се разбира, сè она што ќе биде разговарано на масата на НАТО, ќе го пренесеме на јавноста и ќе ги заземеме своите позиции. Но, еве јас директно кажувам дека ние сме за мир, сакаме мирно решавање. Сакаме граѓаните да бидат и во Македонија безбедни, но се разбира и на целиот континент.
Ќе има ли нова транша воена помош кон Украина од македонска страна?
Јас мислам дека најдобро сега е да се разговара за целосно да се постигне мир, а не да се разговара за нови пакети со коишто би ѝ се помогнало на Украина. Зошто го кажувам ова? Бидејќи еве во изминатиот период нашата земја, односно во Македонија, се направиле повеќе одлуки на влада каде што се помогне со преку 15 пакети помош директно за Украина. Исто така и ние како влада направивме еден пакет за да ѝ помогнеме на Украина.
Претходно бил даден дел од различна опрема тука од Македонија, при што и сега дополнително се додаде некоја опрема. Но најважно во овој момент е да видиме што ќе се случува по мирното решавање и како секоја земја ќе треба да помогне и дали и на кој начин.
Украина ни извлече 2 милиона евра поради застарен долг
Сакам да знаете дека минатата година, на крајот од декември имавме извршно решение од украинска страна со коешто од министерството, од нашиот буџет, ни беа земени скоро два милиони евра за некој долг од претходно.
Со извршно решение, по кое ако не се постапеше требаше да бидат и три милиони, па со преговарање стигнавме да се пробиеме. Но, ете, и два милиона евра директно отидоа во компанија што била одговорна за еден друг процес што го има тука во министерството. Бевме тужени и тие средства се извршени и легнати на украинската страна. Интересно е што таа компанија, пак, е во состав на министерството за одбрана и на владата (на Украина н.з.).
Но, ние сме тука да помогнеме на начин со којшто, максимално што е можно, да си го зачуваме нашиот интерес. Нам главен фокус ни е нашата Македонска нација, нашите граѓани и се разбира, нашата борбена подготвеност постојано да биде на високо ниво. И затоа постојано велам дека ние мора да се модернизираме, да набавуваме нова опрема, да го зачуваме сето тоа што нам ни треба, бидејќи гледате какви се сите овие турбулентни времиња, особено на европскиот континент, но и надвор од европскиот континент.
Мислам дека најважно е да имаме спремна војска, да имаме добра опрема и тоа да ни биде фокус.
Значи ли тоа дека помошта од македонска страна за Украина ќе паузира?
Ние сме веќе четврта земја по давање на помош кон Украина. Многу големи земји, би рекол, недоволно помогнале во тој процес или не. Но, јас ценам и мислам дека треба максимум да се посветиме кон нас како нација. Не може постојано сè да се дава, бидејќи треба да го гледаме нашиот македонски интерес.
Aко имаме начин да помогнеме, ќе помагаме, но сега во овој момент мислам дека најважно од сè е да има мирно решавање. На тој начин ќе следат други циклуси, односно она што се зборува, обнова на Украина. На кој начин и дали ќе се дава дополнителна помош преку различни алатки би рекол, бидејќи таму знаете дека градови се урнати. Можеби ќе треба и финансии од секоја земја, но сега засега тоа не се разговара. Но, е тема што би се отворила по мирното решавање на овој процес.
Во случај на евентуална мисија за одржување на мирот во Украина, дали биле испратени и македонски војници и во колкав број?
Во овој момент, кон нас, како земја, нема на масата барано, ниту, пак, има некако ставка на НАТО дека треба да се праќаат мировници во овој момент. Но, дека се размислува во таа насока, се размислува.
Македонски војници во овој момент на украинско тло нема да има, но да видиме што ќе се случува по мирното решавање. Гледате дека овие денови има доста средби помеѓу европските лидери каде што разговараат за различни планови, како да се помогне низ неколку чекори, па заедно со стратешките партнери, со најголемите сили да се најде решение.
Но, да се најде решение. Ние сме земја за мир, сакаме да има мирно решавање и потоа да видиме максимум она што ние како држава може да помогнеме. Тогаш се разбира, би го кажале нашиот став. Да видиме како ќе се одвиваат овие работи.
Засега нема такво барање, не е ставено на масата, но има различни размислувања помеѓу различни земји. Очекувам дека во наредните недели дека тоа ќе биде едно од прашањата за коешто би можеле да се размислува вака подлабоко. Но, пред сè треба да се седне и да се најде мирно решение.
Сè погласни се ставовите и за формирање здружени европски безбедносни сили. Би се приклучиле ли како држава кон една таква иницијатива?
Ние, како земја, имаме две основни стратешки цели. Тоа се ЕУ и НАТО. Ние сме Земја членка на НАТО, но аспирацијата да влеземе во Европската унија, се разбира, е најголема. Но, европските лидери, ова што го заговараат дека треба да има, не знам, европска војска. Но, се разговара и за многу други детали, како од нивните фондови да се определат дополнителни средства и за помош кон Украина и за други сегменти. Но, таму мислењата се поделени.
Ќе ги почитуваме ставовите на НАТО
Она што јас го имам како информација, бидејќи различни фондови би се крателе од различни земји, за сè ова да се случи. За жал, ние сме надвор од ова семејство и немаме информација што точно ќе се договори. Да видиме какви ќе бидат случувањата, па потоа би можеле да вадиме заклучоци од сето она што ќе биде договорено.
Но, ние гледаме кон себе. Ние ќе ги почитуваме ставовите на НАТО, ќе го кажуваме нашето мислење таму. Се разбира, сме на масата, можеме да ги кажеме нашите ставови и приоритет во овој момент е како да се модернизираме, како нашиот буџет да биде над два проценти, бидејќи моментално е, и она што го издвојуваме за нова опрема е навистина сериозна сума. Да се посветиме максимално кон нас.
Голем дел од оклопните возила JLTV што државата ги набавува од САД се пристигнати, а ќе дојдат и оклопните возила „страјкер“. Дали и нешто друго ќе се набавува од САД, каква ќе биде соработката?
Ако некоја земја навистина максимално и целосно нè поддржува, тоа е Америка. Јас сум презадоволен од соработката и она што се случува постојано се нови обуки, нови вежби, заеднички конференции. Би рекол дека нашата соработка е на пиедесталот и заслужува пофалби. Тука, морам да ги пофалам и сите во Генералштабот, сите во армијата што имаат секојдневна комуникација, се разбира и јас.
Ќе гледаме максимално да се модернизираме и да бидеме посветени на ова стратешко пријателство. Да, JLTV возилата треба да стигнат до крајот на годината, комплет сите 96 возила. Исто така и возилата „страјкер“ за кои имавме најава дека ќе стигнат и побрзо од договореното. Очекуваме наредниве месеци да пристигнат и новите возила „страјкер“. За нашата армија тоа е навистина одлично нешто и ќе имаме можеби најдобри оклопни возила.
Нова опрема од САД за 20 милиони евра преку американски фондови
Во декември потпишавме и нови договори кои што се директно од програмата на САД и каде што сите средства се директно од нивните даночни корисници. Зборуваме за сериозни суми. Околу шест договори направивме, повеќе од 20 милиони евра, за различна опрема. Дел се за дронови. Зборуваме за високо квалитетни софистицирани дронови кои што се од најдобро производство. Исто така делови и проекти во сајбер-безбедноста. Она оружје што е веќе постаро, да го смениме со ново, и така натаму.
Одлични шест договори веќе се потпишани и ќе потенцирам сите овие средства се добиваат директно од фондовите на САД.
Неодамна имавте средба и со вашиот унгарски колега. Што договоривте, дали ќе има нешто за македонската армија?
После повеќе години потпишавме и билатерален договор помеѓу Македонија и Унгарија, каде што ќе има различни обуки, како и помош при различни обуки. Исто така се договоривме да потпишеме меморандум за соработка во различни сфери.
Оваа година ќе бидеме сведоци на една заедничка вежба во Охрид. Исто така поддршка во организација на специјалните сили дополнително да се обучуваат, да имаат заеднички активности. Исто така, во делот на нуркање, во делот на оптимизам и различни сфери дополнителни обуки итн.
Но, исто така разговаравме како да ја подобриме соработката помеѓу државите, бидејќи имаат навистина солидна и одлична воена индустрија. Каде можеме тука заеднички да се најдеме? Продолжуваме и во следниот период да разговараме на овие теми.
Рековте дека имало пропусти во договорот за набавката на армиските хеликоптери од Италија и дека ќе се прави ревизија. Дали направивте ревизија, до каде е целиот процес, плативте ли нова рата?
Да, имаме направено ревизија, веќе доставивме информација до Влада, каде што се разгледуваа сите проблеми настанати од претходното раководство и за кои ќе треба да се дадат одговори, се разбира. Но, она што е најважно, и на мене што ми е најважно, е да се заштити националниот интерес.
Согласно договорот треба да се уплати втората рата, околу 35 милиони евра, но во договорот пропуштиле да стават член за исплаќање на втората рата. Во овој момент бараме и правно мислење, бидејќи, согласно договорот, треба да се користи швајцарското право. Сега бараме меѓународни консултанти коишто ќе ни дадат и правна експертиза во овој дел. Но, и од италијанската страна добивме потврда дека има грешка во тој дел, односно дека е пропуштен тој член. Така што, треба да видиме како правно издржано да продолжиме со целиов процес.
Пропусти во договорот за хеликоптерите, процесот на пауза
Сакам да знае целата македонска јавност дека многу внимателно и детално ќе одиме во овој договор. Мора да се заштити националниот интерес, да се заштити државата и на крај да се добијат хеликоптери.
Многу пропусти се направени, многу пропусти, и треба сите институции да ги погледнат сите овие работи, за пред сè, да се заштити државата. Така и ќе постапиме во наредниот период. Со италијанската страна се очекуваат средби уште овој месец и се разбира ќе бидете известени како медиуми, но и сите институции како да се постапи согласно овој договор.
Мене што ми е најважно, односно на министерството, е да имаме договор кој е правно издржан, македонската страна да биде заштитена и на крајот од денот да имаме квалитетен договор, со којшто ќе имаме хеликоптери.
Значи ли ова дека новата рата што требаше да се реализира не е уплатена и дека процесот е паузиран?
Во овој момент, да, не е исплатена, бидејќи е сменета банката од италијанската страна, бидејќи нема основ за втората рата, согласно договорот. Но, правно се бара решението, сите институции се инволвирани и затоа побаравме средби на оваа тема.
Но, рокот за доспевање на таа фактура сè уште трае, има период за плаќање и плус има дополнителен период во којшто треба да се исплати. Но, мора да има основа за исплатата. Мора да има основа, инаку јас нема да дозволам ниту еден во министерството да потпише и да се платат средства ако нема правен основ и ако не биде заштитена државата, и само така ќе работам.
Има ли доволно војска во македонската армија?
Има, апсолутно. Но ни треба и подмладување, ни требаат и нови луѓе во армијата. Еве би сакал, ако ми дозволите, да најавам ексклузивно: Еве го огласот за нови 300 професионални војници.
Сакам да најавам дека на почетокот од следната недела ќе го распишеме конкурсот за нови 300 професионални војници.
Оглас за 300 нови професионални војници
Го повикуваме секој млад човек што си ја сака татковината, што ја сака армијата, што сака да биде дел од колективната безбедност и од безбедносните структури, да го поканам да се пријави. Се разбира, има повеќе услови што треба да се оправдаат, за секој оној што сака да се вклучи, да ги исполни и да биде дел од македонската војска, како што спомнавте.
Исто така ќе имаме огласи и за лица од цивилни факултети, каде што секој ќе може исто така да аплицира. Ќе имаме и за подофицери за питомци. Набрзо, од следната недела ќе ги слушнат сите убави вести, сите граѓани.
Ги повикувам сите оние што се квалитетни, најквалитетни, нека се пријават. Македонските војници и армијата се најквалитетни, најдисциплинирани и во секој момент ќе го дадат животот за татковината. Тие луѓе треба да бидат херои и да ги почитуваме. Затоа, ги повикувам сите што ја сакаат армијата, војската, но и државата, нека се пријават и најквалитетните ќе бидат избрани.
Facebook Forum