Кога лекарите користеле вештачка интелигенција за да ги испитаат мамограмите на повеќе од 460.000 Германки, тие откриле еден рак повеќе на секои илјада тестирани жени, според истражувачите. Студијата во списанието Nature Medicine е најголемото истражување досега за употребата на вештачка интелигенција во откривањето на рак на дојка.
„Стапката на откривање рак на дојка е подобра и ова е навистина силен доказ. Врз основа на овие докази, треба да почнеме да користиме повеќе вештачка интелигенција во скринингот за рак на дојка и тоа треба да биде стандардно“, вели Александер Каталиниќ од Универзитетот од Лубек, Германија.
Дали таа подобрена стапка на откривање - од речиси 18% - докажува дека вештачката интелигенција е супериорна во пронаоѓањето на рак на дојка?
„Таа е замена за лекарите до одреден степен. Но, колку далеку сакате да ја користите? Ова не е само прашање на науката, тоа е и социјално прашање. Каква ќе биде довербата на општеството кон вештачката интелигенција?“, додава Каталиниќ.
Вештачката интелигенција, исто така, помогна да се намали бројот на лажно позитивни резултати, но исто така пропушти да открие некои видови на рак.
Но, луѓето би пропуштиле 10 пати повеќе отколку вештачката интелигенција, според резултатите од студијата.
„Вештачката интелигенција, за разлика од луѓето, не се заморува. Таа работи на ист начин во 2:00 часот наутро како и во средината на денот. Тоа е дефинитивно предност и исто така е една од причините зошто мислам дека вештачката интелигенција пронаоѓа рак којшто инаку би ги пропуштиле лекарите“, истакнува Стефан Бунк соосновач на ВАРА.
Постои загриженост дека користењето вештачка интелигенција во откривањето на рак може да доведе до помалку обучени радиолози.
„Тие комплицирани случаи, каде што треба да земете предвид повеќе агли, каде што треба да разговарате со пациентот е нешто каде што експертизата и вистинскиот радиолог се многу важни и треба да продолжат да се обучуваат“, додава Бунк.
Но, вештачка интелигенција може да поттикне и прогрес.
„Доаѓањето на вештачката интелигенција е можност и поттик за нас да станеме пообучени за нашата област. Високо обучените радиолози ќе имаат отворен простор, време и концентрација да се фокусираат на посложени задачи“, вели Веи Јанг, професорка по радиологија на Универзитетот во Тексас, кој не била вклучена во студијата.
Таа е охрабрена од резултатите.
„Податоците се многу мотивирачки. Зголемената стапка на откривање рак, намалувањето на лажно позитивните повици и потенцијалното влијание врз работната сила и исцрпеноста. Значи, генерално, многу позитивни резултати“, вели Јанг.
Засега, користењето на радиолог, кој користи вештачката интелигенција, можеби е најдобриот начин да се комбинира силата на двете можности.
„Комбинацијата на доктор, кој користи вештачка интелигенција е многу подобро, отколку сегашната пракса“, посочува Каталиниќ.
Потенцијално води и до подобри резултати за здравјето на жените.
Facebook Forum