„Заради нефункционалноста на системот, заради законите кои не важат подеднакво за сите, заради подобра иднина на своите деца...“, ова не е само дел од претставата „Земја на штркови“ која деновиве беше прикажана во Охрид, туку реалност со која се соочува Северна Македонија.
Актерите велат дека на уметнички начин сакаат да го кренат гласот за овој горчлив проблем. Режисерот Роберт Ристов за Гласот на Америка вели:
„Ова е единствениот начин каде што јас можам да допринесам во однос на оваа проблематика. И сметам дека е редно нешто да се направи, за да се подигне гласот и да се освестиме, да поставиме некои прашања до публиката и до оние кои ја водат оваа држава, без разлика кој на која политичка партија припаѓаат. Едноставно да кажеме дека доста е и дека приоритетот на тие политичари е да се направи нешто за народот, а потоа за сопствениот интерес“.
Тој и неговите колеги актери ја подготвиле претставата со сопствено истражување, за бројот на затворени училишта низ државата, и за тоа колку граѓани официјално ги напуштиле своите домови.
„Ова е еден вид на крик, колку на ликовите, толку и наш личен крик како актери, како граѓани на оваа држава“, вели Ристов.
„Најлесно во моментот е да помислиш, да ќе се спакувам и ќе заминам. Но тоа заминување многу боли. Ќе нема со кого празници да славиш, кога не ти се тука најблиските, семејството, кругот на пријатели ... е тешко“, се надоврзува актерката Мирјана Поповска Ристов.
Нејзината колешка Изабела Јакимова зборува за сопствените дилеми:
„Пред да започнеме со проби, моите најдраги личности заминаа во Шведска да живеат и се чувствува таа празнина. И јас многу размислував дали да останам овде или и јас да заминам и сум некаде на средина“.
Дејствието на претставата се случува во Охрид, кој е меѓу водечеките градови во државата по број на иселувања. Голем дел посетителите на театарската претстава имаат блиски кои се веќе во странство.
„Во Охрид најмногу го чувствуваме со оглед на тоа колку деца се запишани во прво одделение годинава, факт е дека птиците ни летаат“.
„Белата чума одамна е присутна кај нас. Младите заминуваат од градот и од државата. Сега поминавме во чаршијата жив човек нема. Еден податок пред 7-8 години, Охрид беше со најмногу иселеност, од 42 посто, а сега е уште полошо. Многу фирми се затворија овде, а за интелектуалците нема иднина“.
Охриѓани велат дека политичарите треба да го слушнат гласот на народот.
„Сите, и тие кои се на власт и тие кои се во опозиција. Едни што направиле досега, а другите што треба да направат, за да се спречи оваа миграција. Да им се даде на младите работа, затоа што младите учеле и се мачеле“.
Според проекциите на Државниот завод за статистика, до 2070 година, во Северна Македонија ќе има 1,2 милиони жители. Според последниот попис во 2021 година, во Северна Македонија имало околу 200.000 жители помалку отколку пред дваесетина години. Според еден податок на Светската банка, од државата се иселени половина милион граѓани.
Facebook Forum