Мала соба, постојано зуење и многу фокусирани деца. Вака изгледа и звучи еден типичен ден во школата за летање со беспилотни летала Free Sky Украина. Од безбедносни причини, не можеме да ја откриеме локацијата и презимињата на децата.
Серхи Ткачук ја разви програмата за обука. Тој е професор по музика, но целосната инвазија на Русија го принуди да се преквалификува. Тоа беше трагедија која, вели, можело да се избегне.
“На седмиот ден од војната, мојот братучед беше убиен. Тој мораше да оди во извидување [по непријателот]. Беше можно да се испрати беспилотно летало со камера Мавик, но тој не знаеше како да управува со него [а ниту неговите другари. Тие лично отидоа и загинаа", вели Ткачук.
Затоа Ткачук решил да научи да лета со дронови и се надева дека со учење на другите би можело да има помалку инциденти како оној што го уби неговиот братучед.
Тој вели дека летањето со дронови многу е слично на свирење на музички инструмент.
“Кога учиме да свириме на музички инструмент, треба да ги синхронизираме очите, мозокот и прстите. И при (пилотирањето) дронови мораме да координираме различни сетила", додава Ткачук.
Работејќи со војската, Ткачук видел колку малку време има за обука. Затоа тој создал посеопфатен курс за деца кој вклучува инженерство, роботика и поправка на дронови.
“Дронот ќе лета нагоре ако ја подигнете палката. Ако се спушти, се спушта. Ова е навалување напред-назад и десно-лево. И ова е свртување во место", вели Давид, еден од учениците, кој сака да снима видеа со дронови.
Лиза има друга цел - да научи како да управува со големи дронови: “Големите дронови можат да носат многу килограми. Би сакала да испорачувам лекови или прехранбени производи на овој начин.”
Некои деца се од армиски семејства. Часовите за нив се бесплатни. Нивните причини зошто сакаат да научат како да летаат со беспилотни летала често се поврзани со војна.
“Татко ми е војник и управува дронови. Затоа, решив дека ќе биде кул ако и јас научам. Плус, сега има војна, и важно е да знаете да летате”, објаснува Олександра.
Но, Ткачук вели дека неговата главна цел е да ги научи децата како да користат беспилотни летала во мирно време, а не во војна.
“Јас не ги учам децата да одат во војна. Дроновите се иднината. Порано одевме од коњи до коли; сега преминуваме од автомобили на дронови. Во сите области ќе има дронови", вели Ткачук.
Free Sky Ukraine тренира деца на возраст од шест до 16 години. Ткачук вели дека сите часови се полни.
Facebook Forum