Украинската војска денес соопшти дека соборила 60 од 78 руски беспилотни летала кои биле насочени кон региони низ целата земја.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека пресретнувањето се случило во регионите Черкаси, Чернихив, Днепар, Харков, Херсон, Кировоград, Киев, Полтава, Виниција, Запорожје и Жиомир.
Серхиј Лисак, регионалниот гувернер на Днепар, на Телеграм рече дека рускиот напад оштетил инфраструктурна локација и повредил едно лице.
Во Херсон, официјалните лица известија за руски напади во кои биле погодени две медицински установи и повредени две лица.
Гувернерот на Полтава Филип Пронин, на Телеграм изјави дека руските сили погодиле образовна институција, но не даде информации за жртви.
Руското министерство за одбрана денес соопшти дека уништило ракета и два украински воздушни беспилотни летала над регионот Белгород.
Тамошниот гувернер на Телеграм изјави дека има оштетувања на една куќа и дека едно лице е повредено.
Руската противвоздушна одбрана исто така собори три беспилотни летала над регионот Курск и два беспилотни летала над Брјанск, соопшти Министерството за одбрана.
Украинскиот парламент денес гласаше за прифаќање на оставката на министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба, еден ден откако тој понуди да ја напушти функцијата поради промени во владата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го предложи заменикот на Кулеба, Андриј Сибиха да биде нов министер за надворешни работи.
Украинскиот парламент, исто така, оваа недела ги прифати оставките на четворица други министри од кабинетот.
„Ни треба нова енергија. И овие чекори се поврзани со зајакнувањето на нашата држава во различни области“, им рече Зеленски на новинарите во средата на прашањето за промените.
Некои информации во текстот се од Асошиетед прес и Ројтерс