Линкови за пристапност

Руски ракетен напад уби 41 лице во Полтава, рече Зеленски


Зеленски за време на посетата на полскиот претседател и литванскиот премиер во Украина
Зеленски за време на посетата на полскиот претседател и литванскиот премиер во Украина

Најмалку 41 лице загина, а повеќе од 180 се ранети денес кога Русија удри во воен институт во централниот град Полтава, изјави претседателот Володимир Зеленски, во еден од најсмртоносните поединечни напади во војната.

Зеленски во видеото рече дека руските сили нападнале со две балистички ракети, оштетувајќи ја зградата на Воениот институт за комуникации.

Тој додаде дека наредил целосна и брза истрага за околностите на нападот.

„Руското зло дефинитивно ќе одговара за овој удар“, рече Зеленски на апликацијата за пораки Телеграм.

Тој ги повтори своите повици за поголема западна воздушна одбрана и ги повика сојузниците да дозволат нивното оружје со долг дострел да се користи за напади подлабоко на руска територија со цел да се заштити Украина.

„Постојано им кажуваме на сите во светот кои имаат моќ да го запрат овој терор: системи за противвоздушна одбрана и проектили се потребни во Украина, а не во складиште некаде“, рече тој.

„Далечни удари кои можат да не` заштитат од рускиот терор се потребни сега, а не некое време подоцна. За жал, секој ден одложување значи загуба на животи“.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека воздушната одбрана соборила беспилотни летала над регионите Чернихив, Харков, Херсон, Киев, Миколаев, Одеса, Полтава и Суми.

Руското министерство за одбрана соопшти дека соборило три украински беспилотни летала над регионите Брјанск, Курск и Калуга.

XS
SM
MD
LG