Интернационална театарска група составена од актери од поранешните југословенски републики, од Охрид, каде деновиве ја играа детската театарска претстава „Цветот на вљубената пчела“, тргнаа во хумана мисија, која има за цел собирање средства за помош на населението во регионот на Јабланица и Коњиц, кои претрпеа најмногу оштетувања во неодамнешните поплави во Босна и Херцеговина.
„Идејата е средствата кои ќе ги собереме денес од оваа претстава, да ги насочиме за настраданите во Јабланица, Босна и Хецеговина“, вели Адемир Адо Халиловиќ, актер од Сараево.
Идејата, меѓу другото, e на најмладите да им ја пренесат и пораката, што повеќе да го негуваат пријателство и љубовта едни кон други.
„Да оставиме и една вредна порака. Ако се здружиме и ако сме заедно, тогаш сите проблеми кои не очекуваат и кои ни се случуваат во животот, можеме да ги надминеме многу полесно“, додава Халиловиќ.
Во Охрид беше само дел од актерската екипа. Претставата ќе прошета низ повеќе градови во поранешна Југославија, со цел да се соберат што повеќе средства од продажба на влезници.
„Ние сме секогаш овде да помогнеме на кого тоа и да му е потребно и на начин како што тоа ние најдобро го знаеме. Со оглед дека ние во нашите срца сме еден народ, ќе продолжиме тоа да го правиме и во другите републики“, вели Жељка Еркич, актерка од Белград.
„Тоа е еден мал дел средства кои ќе ги собереме. Планираме претстави и во Врњачка Бања. Ние и во минатото помагавме на болни деца во Врњачка Бања и Адо во Босна и Хецеговина. На кого и да му е потребна помош ние им излегувавме во пресрет. Самоиницијативно сега се собравме и се договоривме. Потоа одиме во Босна и Херцеговина, Хрватска“, вели Момирка Вукојевиќ, актерка од Бања Лука.
Идејата за овој хуманитарен караван е на Здружението на поети за возрасни и деца од Кладањ, Босна и Херцеговина.
„Благодарност до сите наставнички, родители и деца кои дојдоа на оваа претстава, а со цел да се гради солидарноста, хуманоста, да се потикнува емпатија кај младите и чувство да споделат вакви несреќи и добри практики и чувства“, вели Сашо Точков, претседател на Црвен крст од Охрид.
Катастрофалните поплави кои ја зафатија Босна и Херцеговина, однесоа дваесетина човечки животи, а голем број семејства останаа без покрив над главата.
Facebook Forum