Од воен персонал до цивили, жителите на Тајван се подготвуваат за неизвесна иднина со новиот американски претседател кој наскоро ќе ја преземе функцијата, како и со зголемени притисоци од Кина.
Пекинг смета дека Тајван е дел од Кина и вели дека ќе употреби сила, доколку е потребно, за да го направи тоа тврдење реалност.
Додека претседателот Џо Бајден постојано вели дека САД ќе му помогнат на Тајван доколку Кина нападне, новоизбраниот претседател Трамп предложи Тајван да им плати на САД за својата одбрана.
„Малку сум загрижена бидејќи е тешко да се каже што зборува Трамп, што всушност прави и што се случува зад сцената. Тие се работи што не можеме да ги видиме. Тој отсекогаш дејствувал во негов интерес и во интерес на САД“, вели Енџел Чи, жителка на Тајван.
Како што Трамп ги избра истакнатиот кинески критичар Марко Рубио и Мајкл Волц за потенцијални кандидати за кабинетот, неговите коментари за Тајван беа нејасни.
Еве го одговорот на Трамп во јули 2023 година во интервју за „Фокс њуз“.
„Не сакам да кажам што мислам. Ако одговорам на тоа прашање, тоа ќе ме стави во многу лоша преговарачка позиција“, истакна Трамп.
„Во овој момент не знаеме дали тој го мисли тоа, кога вели дека сака да ги врати САД во поизолационистичка позиција“, вели аналитичарот Мајкл Кол.
Позицијата на Кина е јасна од оваа прес-конференција на 7 ноември.
„Кина цврсто се противи на каква било форма на официјална интеракција меѓу САД и Тајван“, истакна Мао Нинг, портпаролка на кинеското МНР.
Некои жители на Тајван мислат дека вредностите на демократскиот остров ќе помогнат да се зацврстат односите со САД и со држави со исти вредности.
„Трамп сака да се разликува од Бајден со свои лични ставови, но мислам дека тоа нема да влијае на значењето на Тајван во САД или на глобалната линија на одбрана [против Кина]“, вели Чен Ченг-ји, жител на Тајван.
Експертите, исто така, се согласуваат - големи промени во односите меѓу САД и Тајван за време на следната администрација се малку веројатни.
„Расположението е дека ќе бидеме многу внимателни за развојот на настаните, но не сме во паника. Имаме и многу силна двопартиска поддршка во Конгресот и тоа секогаш може да биде најдобриот бастион на Тајван за одржување и подобрување на односите Тајван-САД на различни полиња“, смета Лаи и-Чунг од фондацијата Проспект.
Додека Тајван продолжува да биде близок со САД и да се подготвува за претстојната администрација на Трамп, Кина го зголемува воениот притисок кон островот уште откако тајванскиот претседател ја презеде функцијата во мај - со вежби околу Тајван и упади на крајбрежната стража.
Акциите се насочени кон владата на Тајван исто како и кон нејзини гласачи, вели Кол.
„Тие се надеваат дека со создавање на ова чувство на борба и задржување на Тајван, на крајот ќе ги принуди тајванските гласачи, ако не и тајванската влада да се вклучат во избегнувањето на ризикот“, вели Кол.
Кол вели дека нивото на агресија на Пекинг кон Тајван може да зависи од неговата проценка за политиките на новата администрација на Трамп кон Тајван и Кина.
Facebook Forum