Линкови за пристапност

Тајната на Охридскиот бисер опстојува сто години


Тајната на Охридскиот бисер опстојува сто години
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:49 0:00

Климент Талев му ветил на татко му дека „за никакви пари“ нема да ја изневери формулата за изработка на бисерот што е симбол на Охрид веќе еден век 

„Ние на 29 јуни славиме 100 години од изработката на првото зрно, седефасто, премачкано од рацете на мојот покоен татко Ване во далечната 1924 година. Тогаш името охридски бисер не постоеше, туку охридски ѓердани“, вели Талев.

Така приказната за Охридскиот бисер ја започнува Климент Талев. Вели, името „Охридски бисер“ дошло подоцна и е кованица создадена од муштериите. Но тој тврди дека рецептот на изработка е ист како оној за кој неговиот татко и чичко платиле „со златни наполеони за да го добијат од руски емигрант познат под името Јован Субанович“.

„Она што јас на 27 декември 1964 година го добив како рецепт од мојот татко, седум дена пред да почине, а претходно и тој, е начинот на изработка на охридските бисери кој е потполно ист од 1924 година до ден денес. И јас сум многу горд што го исполнувам аманетот на мојот покоен татко, кој ми кажа, никогаш, ама никогаш, за никакви пари, не смееш процедурата, начинот на изработка, да ја менуваш“.

Охридскиот бисер продолжува рачно да се изработува во семејството Талеви. Основата на емулзијата, која се нанесува на зрното бисер се добива од крлушките на рибата плашица, иако во Охридското Езеро ја има се помалку.

„Сега веќе не е тој квалитет на плашицата која би дала такво рибино сребро како некогаш. Јас се снаоѓам, татко ми ми ги даде сите тајни. Јас и ден денес работам со рибино сребро, не со вештачко, со сребрен нитрат. Во морињата живеат такви риби, за кои што велеше мојот татко, дека нивното сребро дури е почисто и поквалитетно од нашата плашица“.

Тајната се пренесува од колено на колено. Сега чичко Климент, како што е познат во Охрид, има наследник во неговиот внук Климент, коj по завршувањето на студиите решил да го продолжи занаетот.

„Многу голема чест ми е што ќе ја преземам оваа одговорност и да ја продолжам традицијата на изработка на оригиналниот охридски бисер. Ќе го продолжам бизнисот на кој ме учеа мојот татко и мојот дедо. Сето ова е рачно изработено“, вели внукот Климент што го продолжува не само името туку и занаетот.

Во дуќанот на Талеви, сместен во охридската чаршија, се изложени и десеттина фотографии од познати светски личности кои носат од охридските бисери.

Климент Талев постариот посочува на омилената:

„Најважната личност за мене и мојата фамилија е троедниот бисер, што и го поклони покојниот претседател Борис Трајковски на кралицата Елизабета, при првата посета на Англија. Исто така и нејзината снаа има наш бисер. Ова е 12 милиметри пречник, 38 сантими во должина и правен е по порачка“, вели тој.

Иако денес охридскиот бисер се соочува со нелојална конкуренција, „со фалсификати кои се увезуваат од Турција и Кина, а се продаваат како оригинални“, како што велат Талеви, тие се убедени дека причината за опстојување низ годините бил нивниот квалитет и оригиналност и ветуваат дека ќе го продолжат брендот што „не може да се копира“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG