Линкови за пристапност

Судот му забрани на Трамп да споделува докази во медиумите пред судењето


Судијата во Флорида Брус Рајнхарт денес им нареди на адвокатите на поранешниот претседател Доналд Трамп да не ги објавуваат доказите во случајот со доверливи документи до медиумите или јавноста, се вели во судската пријава.

Наредбата од судијата, исто така, поставува строги услови за пристапот на Трамп до материјалите.

„Материјалите, заедно со какви било информации што произлегуваат од нив, нема да бидат обелоденети во јавноста или медиумите, ниту да се шират на кои било вести или платформи на социјалните медиуми, без претходно известување и согласност од САД или одобрение од Судот, “, се вели во налогот поднесен во понеделникот.

Тој, исто така, прецизираше дека Трамп „нема да задржува копии“ и дека може да ги разгледува материјалите на случајот само „под директен надзор на бранителот или член на персоналот на бранителот“.

Наредбата го одобри предлогот поднесен минатата недела од обвинителите кои побараа од судот да постави услови за тоа како одбраната ги складира и користи документите.

Трамп, кој е фаворит за републиканската претседателска номинација во 2024 година, беше обвинет по федерални обвиненија претходно овој месец.

Тој беше обвинет дека незаконски чувал доверливи владини документи по напуштањето на Белата куќа, а потоа заговарал да ја опструира федералната истрага за ова прашање.

Трамп пред судот се изјасни за невин по сите 37 точки од обвинението.

Тој го бранеше справувањето со материјалите во интервју за „Фокс њуз“ денес.

„Пред да испратам кутии, морам да ги извадам сите мои работи. Овие кутии беа прошарани со секакви работи“, рече Трамп во снимката од интервјуто емитувано претходно во понеделникот.

Специјалниот советник Џек Смит, кој беше назначен од државниот обвинител Мерик Гарланд, исто така ја истражува наводната улога на Трамп во дејствијата околу неговата загуба на претседателските избори во 2020 година, кои кулминираа со напад на поддржувачите на Трамп врз Конгресот на САД на 6. јануари 2021 година.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG