Линкови за пристапност

Дали Трамп би можел да се помилува себеси ако победи на изборите во 2024?


Поранешниот претседател Доналд Трамп е обвинет за незаконско чување доверливи владини документи по заминувањето од функцијата во 2021 година. Еве преглед на тоа што значи тоа за неговата претседателска кампања во 2024 година.

Дали обвинението ќе го спречи Трамп да води кампања или да биде претседател?

Обвинението е запечатено, но адвокатот на Трамп рече дека тој е обвинет за седум кривични дела, вклучувајќи прекршување на Законот за шпионажа, попречување на правдата и заговор. Ниту еден од нив нема да му забрани на Трамп да оди на избори доколку биде осуден.

Судењето ќе се одржи многу месеци од сега, а Трамп може слободно да води кампања во овој период.

Уставот на САД бара само претседателските кандидати да бидат родени државјани на САД кои имаат најмалку 35 години и живеат во земјата 14 години.

Трамп во четвртокот на својата платформа Truth Social рече дека е невин. Тој би бил слободен да води кампања дури и ако биде осуден и испратен во затвор, а правните експерти велат дека нема да има основа да се блокира неговата заклетва како претседател дури и ако е затворен, иако тоа би поставило извонредни логистички и безбедносни прашања.

Како обвинението ќе влијае врз кампањата на Трамп?

Нејасно е какво влијание ќе има обвинението против Трамп кај гласачите. Рејтингот на Трамп на анкетите се зголеми по неговото обвинение во март во одделен случај во Њујорк, и тој е фаворит за републиканската номинација.

Тој ги искористи случаите и истрагите со кои се соочува како алатки за собирање средства, кажувајќи им на поддржувачите дека е нападнат и дека му е потребна нивна помош. Кампањата на Трамп во април соопшти дека донациите се зголемиле откако тој беше обвинет во Њујорк.

Што ќе се случи ако Трамп ја презеде претседателската функција, а обвинението уште e во тек?

Малку е веројатно дека обвинението ќе продолжи ако Трамп победи на изборите во ноември 2024 година.

Одделот за правда на САД е дел од извршната власт, а претседателите се највисоките федерални службеници за спроведување на законот во земјата.

Одделот за правда на САД има децениска политика дека актуелниот претседател не може да биде кривично гонет. Одделот може да отстапи од политиката во „вонредни околности“ со одобрение на државниот обвинител на САД.

Јавниот обвинител кој служи под демократскиот претседател Џо Бајден, во овој случај Мерик Гарланд, би можел да ја игнорира таа политика и да продолжи напред, но Трамп, како претседател, би можел да го отпушти и да ангажира в.д. замена по негов избор пред да именува постојан обвинител со потврдата од Сенатот на САД.

Дали Трамп може да се помилува себеси?

Многу академци рекоа дека самопомилувањето би било неуставно бидејќи го прекршува основниот принцип дека никој не треба да биде судија во неговиот или нејзиниот сопствен случај.

Други тврдат дека самопомилувањето е уставно затоа што моќта за помилување е многу широко формулирана во Уставот, кој вели дека претседателите „ќе имаат овластување да дадат одложувања и помилувања за прекршоци против САД, освен во случаи на импичмент“.

Трамп не можеше да се помилува себеси поради пресуда во сојузен суд.

Тој во моментов е под обвинение пред судот во Њујорк за наводно користење фалсификувани записи за да ги прикрие плаќањата на порноѕвезда, а обвинителството во Џорџија ги истражува неговите напори да ги поништи резултатите од изборите во 2020 година во таа сојузна држава.

Извор: Ројтерс

Поврзано

XS
SM
MD
LG