Глас на Америка: Господине Курт, како ја оценувате 2024 година за македонските аеродроми, споредбено со истиот период минатата година?
Неџат Курт: Статистиката и динамиката што ја имаме на располагање на скопскиот аеродром покажува зголемен тренд што е сепак подобар од европските проекции. Секако, дел од оваа статистика што се објавуваше од ден на ден ... во споредба со претходната година, има денови кои биле пониски. Но, кога гледаме пошироко на таа споредба, во подолг временски интервал, можеме да кажеме дека сме над бројките од 2023 година.
Глас на Америка: Аеродромите во Скопје и Охрид добиваат нови авионски дестинации во 2025 година, но меѓу нив нема поврзување помеѓу Северна Македонија и САД. Зошто?
Неџат Курт: Да, точно. Не израдуваа информациите за воведување уште шест дестинации од и до нашите аеродроми. Четири од Скопје и две од аеродромот во Охрид. Долго време се обидуваме да ја вратиме линијата со Барселона. Многу напори вложивме да убедиме авиокомпанија да лета до оваа дестинација. Тие ќе започнат да оперираат во 2025 година, по што ќе следат Лион, Штутгарт и Дубаи. Сите четири линии ќе почнат да летаат од скопскиот аеродром. Од охридскиот аеродром ќе почнеме да летаме назад до Базел, но покрај тоа, многу важна пресвртница е најавата на Туркиш Ерлајнс кои летаат од Охридскиот аеродром до Истанбул и очекуваме ова да се одвива четири пати во неделата. Аеродромот во Скопје би бил технички подготвен да поддржи трансатлантски лет. Но, ... гледајќи од перспективата колку аеродроми храниме оттука како центар, Истанбул, Франкфурт, Виена, Атина, Белград, секој патник кој е заинтересиран може да се поврзе понатаму за Австралија, Америка итн. Но, покрај тоа, можеме да кажеме дека со приклучувањето на Туркиш Ерлајнс да лета од Охрид е исто така одлична можност за патници кои живеат во странство - имаме голема дијаспора во САД, како и во Австралија. Имајќи го предвид сето ова, да има трансатлантски лет директно до Соединетите Американски Држави или која било друга трансатлантска локација... можам да речам дека ги имаме сите потребни средства и достапност на сите дестинации кои можат и служат на трансатлантскиот пазар.
Глас на Америка: Концесијата за управување на двата аеродрома завршува во 2032 година. Колку вашата групација има инвестирано во Северна Македонија и во што се тие инвестиции?
Неџат Курт: Ние бевме првата компанија, аеродромски оператор, која инвестираше во регионот во однос на приватизацијата на аеродромите. Многу други компании не следеа во нашите соседни земји, Тирана, Приштина, Белград и исто така и Грција. Значи, кога ќе ја погледнеме моменталната состојба колку пари имаме, колку вложивме во периодот кога дојдовме во Македонија, таа е блиску над 300 милиони. Тоа би било околу 145 милиони евра капитални инвестиции, кои се состојат од 120 милиони во аеродромскиот терминал каде што во моментов се наоѓаме. Оваа инвестиција беше во 2011 година, а инвестиравме 7,8 милиони во рехабилитација на пистата, 2,4 милиони вложивме во системот за ракување со багажот, кој доаѓа заедно со најсовремен уред за рендген. Тоа е томографски компјутеризиран систем за рендген, кој исто така е поставен во моментов. Дополнително на ова, бидејќи сообраќајот постепено се зголемува, континуирано инвестираме во опрема.
Глас на Америка: Маглата е голем проблем во овој период од годината за аеродромот во Скопје. Често изминативе години се случувало откажување или пренасочување на летови. Како да се надмине овој проблем?
Неџат Курт: Временските услови се тесно поврзани со тешкотиите во сообраќајот. Ако треба да ви дадам некоја статистика за тоа какви нарушувања се случиле до сега, од почетокот на работењето на овие аеродроми, имаме приближно 20 случаи каде што имавме општ прекин. Така што, мислам дека ако го погледнеме и споредиме со бројките на сообраќај што оперира овој аеродром, тоа не е многу.
Глас на Америка: Меѓународниот аеродром Скопје е деветкратен добитник на наградата за квалитет на аеродромските услуги (ASQAward) што ја доделува Меѓународниот совет на аеродромите. Што е клучно за да се задрже овој ранг?
Неџат Курт: Да се биде награден девет пати за квалитет на аеродромските услуги што ја доделува Меѓународниот совет на аеродроми е многу важно за нас. Имаме тим, нашите колеги се фокусираа, вложија многу напори за да можеме да ја постигнеме оваа награда. Тоа е достигнување за нас и за сите сестрински компании што работат овде.
Глас на Америка: Господине Курт, за крај на нашиот разговор, која е вашата визија за натамошен развој на македонските аеродроми?
Неџат Курт: Во моментов имаме приближно 7 и пол години од нашата концесија која истекува во 2032 година. Веќе замислуваме како ова место би можело да порасне во нешто повеќе од она што веќе е. Не само Скопје, туку и Охрид. Сега активно работиме заедно со нашата централа, кое е француската АДП, на мастер план. Кога ќе го погледнеме растот на сообраќајот, мора да има некои структурни промени. Не само на границата на аеродромот, туку и во поврзаните општини. Затоа, треба да бидеме сите заедно на иста линија за да можеме да го ставиме овој модел во функција, така што нашата цел е следните месеци, да подготвиме презентација на овој мастер план пред Владата.
Глас на Америка: Ви благодарам за разговорот.
Неџат Курт: Ви благодарам, ми беше задоволство.
Facebook Forum