Линкови за пристапност

Средба меѓу македонски и бугарски историчари во Охрид


Средба меѓу македонски и бугарски историчари во Охрид
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:38 0:00

Сегашниот концепт за работа на заедничката комисија не дава резултат и треба да се најде начин што ќе донесе напредок, беше заклучокот од средбата во Охрид. Автор Мики Трајковски.

На неодамнешна средба во Охрид, историчари од Северна Македонија и Бугарија разговараа за застојот во решавањето на проблемот што го оневозможува напредокот на Северна Македонија кон Европската Унија.

Изборите во двете држави ја замреа динамиката на меѓусоседскиот дијалог, но тоа не ги спречи историчарите да се состанат за размена на мислења за поттикнување на решение на конфликтот.

Стефан Дечев, историчар од Бугарија, во Францускиот предлог гледа единствена правна рамка што би овозможила напредок.

„Францускиот предлог е прифатен и тоа практично ја префрли топката во Македонија, каде се очекува одлука од македонскиот политички врв. Во прво време клучно е како ќе биде решено прашањето со внесувањето на Бугарите во Уставот. Мора да се бара решение меѓу двете земји во рамките на оваа правна рамка што постои“, вели Дечев.

Андреј Лепавцов, Претседател на Паневропска унија на Македонија, вели дека новите државни раководства треба да понудат решение:

„Владите кои ќе бидат формирани во двете држави, ќе треба да најдат начин, односно да се направи еден ресет во односите, но ќе треба да најдат и нова реторика која ќе води кон просперитет. Би сакале да видиме нов дискурс по изборните процеси во двете држави“.

Членот на македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања, Петар Тодоров, вели дека е време Скопје и Софија да се фокусираат на други теми кои се многу поважни за граѓаните, отколку „на исполнување на националистички соништа“:

„Како да се подобрат односите меѓу двете држави - прво и основно е двете држави да заборават на историјата и воопшто да не разговараат на тема историја, бидејќи е очигледно дека двете држави не се зрели и подготвени да разговараат на тема историја“.

„Верувам дека има начин односите да се вратат, не само какви што беа порано туку и да бидат подобри, колку тоа да звучи наивно. И во Бугарија и во Македонија, лошите односи се резултат на малигни раководства, на луѓе кои профитираат од лошите односи и да ги претворат во политички, економски или некој друг вид на капитал. Кога ќе ја напуштиме оваа стратегија ќе почнеме да градиме добри односи“, додава Димитар Атанасов, член на Бугарската академија на науки.

Мешовитата историско-образовна комисија досега не ги даде очекуваните резултати. Петар Тодоров, член на Комисијата се осврнува на тоа.
„Доколку двете држави и нивните лидерства решат дека треба да продолжи таа комисија, ќе мора таа комисија да се преосмисли, ќе мора да се најде друг начин, да се промени нејзината методологија за да може да дава резултати“, вели Тодоров.

„Особено за бугарската страна од комисијата ова е главниот акцент на нивната работа, да не се направи отстапка за ништо. Да не се признава бугарска одговорност и да не се идентификува бугарска грешка. Признавањето на сопствените грешки е почеток на овој процес“, смета Димитар Атанасов од Бугарска академија на науките.

Тој не се согласува со наративот кој Бугарија го употребуваше кон Северна Македонија.

„Ние, Бугарите, со овој историски наратив ги труеме сопствените деца учејќи ги нешта кои се тотално неадекватни, кои беа дел од некогашната идеолошка обработка на населението со цел да го мобилизираме за одредени каузи. Тоа ли треба да го правиме за да страда Македонија? Ние во моментот трпиме многу поголема штета од она што им го правиме на соседите“, вели Атанасов.

„Мора да има взаемно почитување меѓу двете земји, бидејќи нема да се постигнат добри резултати само со стегање на раце“, додава Стефан Дечев, историчар од Бугарија.

Историчарите се согласни дека историските конфликти се решаваат со прагматични решенија, пред се со преземање одговорност и меѓусебно подавање рака.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG