Соборувањето на владата на Асад му го понуди на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган неговиот најзначаен триумф во надворешната политика во 2024 година.
Анкара е силен поддржувач на сириските бунтовници, а аналитичарите велат дека заедно со другите односи што ги има, Турција може да се најде во важна позиција да ѝ помогне на администрацијата на Трамп да ги постигне своите надворешнополитички цели.
„Нашата способност директно да допреме до актерите во сирискиот простор треба да биде голема предност за американскиот Стејт департмент бидејќи нивните односи не се толку блиски. Исто така, можеме да разговараме и со Украина и со Русија, доколку на Трамп му треба помош“, вели Атила Јесилада од GlobalSource Partners.
Но, соборувањето на Асад се заканува да ги зголеми тензиите меѓу Турција и Израел. Ердоган ги осуди неодамнешните израелски воздушни напади врз сириската воена инфраструктура и напредокот на израелската армија на сириска територија.
Врските меѓу двајцата веќе беа затегнати поради поддршката на Анкара и нејзиното засолнување на лидерите на Хамас.
Турскиот лидер вели дека неговите врски со Хамас може да помогнат да се стави крај на борбите во Газа, тврдење што Израелците го отфрлаат.
„За да посредувате во конфликтот, треба да ја имате довербата од двете страни. Израел во моментов не ѝ верува на Турција, а Турција направи се` што е можно за Израел да не ѝ верува. Затоа што Турција сега работи за да го изолира Израел. Турција воведе целосна трговска забрана за Израел“, посочува Галија Линденштраус од Институтот за студии за национална безбедност.
Ердоган, исто така, се заложи за улога во ставање крај на руската војна во Украина. Во текот на 2024 година, Ердоган ги продлабочи врските со рускиот претседател Владимир Путин, додека одржуваше блиски односи со Украина.
Дали Ердоган ќе може да го одржи овој баланс ќе зависи од стратегијата што Трамп ја користи при исполнувањето на своето ветување за ставање крај на војната во Украина.
„Постои сценарио каде Трамп навистина ќе се обиде да ја притисне Русија, тензиите таму ќе се зголемат и во одреден момент од Ердоган ќе биде побарано да направи избор меѓу Путин и Трамп“, посочува Јесилада.
На крајот на 2024 година, Ердоган успеа да реши уште еден спор, посредувајќи во договор за територијалното прашање меѓу Сомалија и Етиопија, кое тлееше со месеци.
Аналитичарите велат дека договорот бил поттик за напорите на Анкара да го прошири своето влијание во Африка.
„Турција веќе има многу цврсти и силни односи и со Сомалија и со Етиопија. Значи, тоа секако ќе придонесе за неговиот имиџ и популарност во регионот. Тоа ќе го зголеми и присуството на Турција во многу стратешки важен регион“, Елем Ејрајс од Универзитетот за општествени науки во Анкара.
И покрај сите успеси на Турција во надворешната политика во 2024 година, Ердоган продолжува да се соочува со гнев на јавноста дома поради тврдоглаво високата инфлација.
Гласачите го покажаа своето неодобрување со невидени порази на неговата партија во текот на годината, со што неговиот политички опстанок стана клучен предизвик во 2025 година.
Facebook Forum