Линкови за пристапност

Новинарот Петар Ставрев бил мировник на УНЕФ во близина на Рафа за време на третата израелско-арапска војна


Новинарот Петар Ставрев се сеќава на третата израелско-арапска војна како мировник на УНЕФ.

Многумина го знаат како легенда на новинарството од Битола, но со тековниот конфликт помеѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, пензионираниот новинар и фоторепортер, Петар Ставрев, зборува за времето кога бил мировник на Силите за итни случаи на Обединетите Нации (УНЕФ). Тој бил стациониран во Израел, близу Рафа, од каде до денес чува „сувенир“ од таканаречената „Шестдневна војна“ во 1967-ма година. Ова е извадок од разговорот со господинот Ставрев за Гласот на Америка на македонски:

„Бевме сместени во египетскиот дел во Ел Ариш непосредно до Рафа на 15 километри од Рафа и непосредна близина на Газа. Имавме тука логори. Ние бевме задолжени за одржување на границата. Еве тука имам еден сувенир. Војските тогаш се викаа УНЕФ (Сили за итни случаи на Обединетите нации) и на крајот, за време кога започна на 5-ти јуни војната, ние добивме наредба одредот да се повлечи“, вели пензионираниот новинар, Петар Ставрев.

Ставрев вели дека шест дена престојувале во ровови од песок за да не настрадаат од воените судири во кои им бил бомбардиран возниот парк од 100 возила.

„Потоа дојдоа израелските сили, не повлекоа во Израел, каде, ете, како сувенир зедов еден тегла песок од Синајскиот полуостров. Го донесов и шлемот кој ми е еден од поинтересните сувенири, од сите други војски кои се евакуиравме, отидовме (и) на Кипар, па додека не се вративме во Југославија ... ми го бараа шлемот, меѓутоа не им го дадов тој шлем. Интересно е што таму работев за Одредскиот весник и учествував во радиото кое го одржуваше канадската војска“, рече Ставрев.

Израелско-арапската војна позната и како „Шестдневна војна“ се водела помеѓу Израел и арапските соседи Египет, Јордан и Сирија, од 5 до 10 јуни 1967 година. Војната завршила со победа на Израел, кој ги зазел Појасот Газа, Синај, Западниот брег и Голанската Висорамнина. Новинарот Петар Ставрев, тогаш во улога на мировник, добил подарок, 88 грамофонски плочи од Канаѓани. Заедно со синиот шлем и пустинскиот песок, овие спомени се одгласи на богато животно искуство што се слеало во перото на Ставрев по што останува запаметен како доајен во македонското новинарство.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG