Шпанија е четврта по големина економија во еврозоната. Но, е на дно на лигата кога станува збор за трошоците за одбрана во НАТО алијансата која има 32 членки.
Мадрид минатата година потрошил околу 21,3 милијарди долари за одбрана или 1,28% од својот бруто-домашен производ - и покрај ветувањето на НАТО во 2014 година дека ќе потроши најмалку 2%.
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте отпатува во Шпанија и Португалија минатата недела и го даде ова предупредување.
„Целта од 2% поставена пред една деценија нема да биде доволна за да се одговори на предизвиците на утрешниот ден. Заканата од Русија можеби изгледа далечна, но дозволете ми да ве уверам дека не е“, рече Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Шпанскиот премиер Педро Санчез рече дека Шпанија е посветена на постигнување на целта од 2 проценти до 2029 година.
Тој рече дека трошоците за одбрана се зголемиле за 70 отсто во текот на изминатата деценија, а Мадрид е 10-ти најголем придонесувач на НАТО во апсолутна вредност.
Шпанските трупи, исто така, помагаат во обуката на украинските сили додека Киев се бори против руската инвазија.
Но, тоа веројатно нема да го задоволи најголемиот придонесувач во НАТО, САД, кои потрошија 3,38 отсто од својот БДП за одбрана во 2024 година.
Претседателот Доналд Трамп овој месец го опиша придонесот на Шпанија во НАТО како „многу низок“ - и бара многу повисока цел.
„Исто така, ќе побарам од сите земји на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана на 5 отсто од БДП, што требаше да биде пред неколку години“, рече Трамп.
Трамп долго време се жали дека европските сојузници ги искористуваат САД и вели дека треба да го поделат товарот за трошоците за одбрана.
Но, целта од 5% е нереална за Шпанија, според аналитичарот Пере Ортега.
„Да се достигне пет проценти е невозможно. Тоа би значело дека Шпанија ќе треба да потроши речиси 65 милијарди евра. Тоа е невозможно, бидејќи ние го немаме тој економски капацитет. Тоа на некој начин би било жртвување во сферата на социјалната сигурност. А шпанското население би го казнило тоа со својот глас“, смета Ортега.
Трамп има одредена поддршка во Европа. Литванија овој месец најави дека ќе ги зголеми трошоците за одбрана на 5 или 6 отсто од БДП до 2026 година.
„Ние се вклопуваме во одбранбените планови на НАТО, кои се од витално значење за нашиот регион“, истакна Довиле Шакалене, литванска министерка за одбрана.
На неговиот прв самит на НАТО како претседател на САД во 2017 година, Доналд Трамп ги критикуваше сојузниците дека не потрошиле доволно за одбрана.
Европските сојузници - особено Шпанија - се подготвени за дополнителни барања на следниот самит, што треба да се одржи во Хаг во јуни.
Facebook Forum