САД ќе инвестираат до една милијарда долари за борба против ширењето на птичјиот грип, вклучително и зголемување на увозот на јајца, изјави денес секретарката за земјоделство Брук Ролинс.
Според податоците на Одделот за земјоделство, поради тригодишната епидемија на птичји грип кај живината во САД угинаа 166 милиони кокошки од 2022 година.
Вирусот, исто така, заразил и речиси 70 луѓе, вклучително и еден смртен случај, од почетокот на 2024 година.
Одделот за земјоделство ќе потроши до 500 милиони долари за да обезбеди бесплатни контроли на фармите и 400 милиони долари за зголемување на стапките на плаќање на фармерите, кои треба да ги убијат своите кокошки поради птичји грип, рече Ролинс на конференцијата на државните земјоделски службеници.
Дел од парите ќе дојдат од кратењата на трошоците од страна на Одделот за владина ефикасност на Илон Маск, рече Ролинс во текстот на „Вол Стрит Џурнал“ дене
Одделот за земјоделство истражува вакцини за кокошки, но сè уште не ја одобрува нивната употреба, рече Ролинс.
Администрацијата планира да го зголеми увозот и да го намали извозот на јајца за да ја зголеми домашната понуда и да се бори против рекордно високите цени на јајцата, рече Ролинс.
Турција соопшти дека до јули ќе извезе 15.000 тони јајца во САД.
Во мај, администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден додели повеќе од 800 милиони долари за борба против птичјиот грип.
Околу 450 милиони долари од тие пари сè уште се достапни, рече претставник на Одделот за земјоделство во вторникот.