Линкови за пристапност

Научниците предупредуваат на пандемија на птичји грип која се одвива бавно


Вработен разредува примероци од серум од живина за тест за откривање на антитела на вирусот на птичји грип во лабораторија на Светската здравствена организација во Бразил, 25 април 2023 година
Вработен разредува примероци од серум од живина за тест за откривање на антитела на вирусот на птичји грип во лабораторија на Светската здравствена организација во Бразил, 25 април 2023 година

Научниците кои го следат ширењето на птичјиот грип се` повеќе се загрижени дека празнините во надзорот може да ги задржат неколку чекори зад нова пандемија.

Многумина од нив го следат новиот вид птичји грип H5N1 кај птиците преселници од 2020 година. Но, ширењето на вирусот меѓу крави во 12 сојузни држави на САД, сигнализира промена што може да го доближи до тоа да стане пренослив меѓу луѓето.

Инфекции се пронајдени и кај други цицачи, како домашни мачки.

„Речиси изгледа како пандемија што се развива во бавно темпо“, рече Скот Хенсли, професор по микробиологија на Универзитетот на Пенсилванија.

„Во моментов, заканата е прилично мала... но тоа може да се промени многу брзо. Колку порано е предупредувањето за пренос кај луѓето, толку побрзо глобалните здравствени власти можат да преземат чекори за заштита на луѓето со започнување развој на вакцини, широко тестирање и мерки за ограничување“.

Федералниот надзор на американските млечни крави во моментов е ограничен на тестирање на стадата на сојузно ниво.

Напорите за државно тестирање се неконзистентни, додека тестирањето на луѓе изложени на болен добиток е мало, изјавија за Ројтерс владини здравствени службеници и експерти за пандемски грип.

„Треба да знаете кои се позитивните фарми, колку од кравите се позитивни, колку се шири вирусот, колку долго овие крави остануваат заразни, точниот пат на пренесување“, рече холандскиот виролог Рон Фушер од Медицинскиот центар Еразмус во Ротердам.

Националниот институт за алергија и заразни болести на САД, рече дека надзорот за луѓето е „многу, многу ограничен“.

Американскиот Оддел за земјоделство е поактивен во тестирањето на кравите, но не објавува јавно кои фарми се засегнати.

Неколку експерти велат дека различните пристапи од агенциите за здравјето на животните и луѓето би можеле да попречат побрз одговор.

Портпаролот на Оддел за земјоделство на САД рече дека агенцијата работи „деноноќно“ со Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) и другите партнери во „одговор од целата влада“, додавајќи дека тековните истражувања покажуваат „снабдувањето со храна во Америка останува безбедно, болните крави генерално закрепнуваат по неколку недели, а ризикот по здравјето на луѓето останува низок“.

ЦДЦ во соопштението рече:

„Оддел за земјоделство на САД и државните и локалните здравствени одделенија низ целата земја се подготвуваат за појава на нов вирус на грип скоро 2 децении и постојано ги следат дури и најмалите промени во вирусот“.

XS
SM
MD
LG