Организацијата на ОН за храна и земјоделство – ФАО предупреди дека мутирана форма од смртоносниот вирус на птичји грип Х5Н1 може да доведе до повторно појавување на болеста.
ФАО смета дека новиот вирус не може да се запре со постоечките вакцини и се шири во Кина и во Виетнам. Агенцијата на ОН вели дека вирусот претставува и директна закана за Камбоџа, Тајланд, Малезија, Корејскиот полуостров и Јапонија.
Минатата недела, ФАО објави друг смртен случај во Камбоџа, земја во која починаа осум лица од вирусот оваа година.
Агенцијата вели дека вирусот неодамна зафатил области во Романија, Бугарија, Израел, Палестинските територии, Непал и Монголија.
ОН соопштија дека вкупно се потврдени 565 случаи на птичји груп во луѓе од 2003-та, вклучувајќи и 331 кои завршиле со смрт.