Линкови за пристапност

ОН предупредуваат дека птичјиот грип се шири побрзо од порано


Женева, 10 јули 2006. Во периодот од 2003-та до 2006-та, смртоносниот вид Ха-5 Ен-1 на птичјиот грип бил забележан во 16 земји. Таа бројка во последните шест месеци двојно се зголемила, вели вишиот координатор на ОН за птичји грип Дејвид Набаро:

- Бездруго продира во нови земји со брзина што за мене и моите колеги претставува натамошна и сериозна причина за загриженост.

Високата стапка на смртност е уште една причина за загриженост. Од 228 пријавени случаи на птичји грип меѓу луѓето во вкупно 10 земји, 130 веќе завршиле со смрт, вели помошникот-генерален директор на Светската здравствена организација Маргарет Чен:

- За грип, ова се уништувачки размери. Досега немаме забележано толку висок сооднос – преку 50 проценти од заболените да починат.

СЗО вели дека птичјиот грип се́ уште преовладува кај животните. Луѓето се заразуваат во директен контакт со заболени птици. Во последните неколку месеци имаше ограничени случаи на пренос од човек на човек, како во Индонезија.

Иако ризикот по луѓето и натаму е минимален, СЗО сепак укажува на фактот дека вирусот би можел да мутира во форма лесно пренослива меѓу луѓето, што би предизвикало пандемија со потенцијал да починат милиони луѓе.

Заменикот-генерален директор на Организацијата на ОН за храна и земјоделство Дејвид Харчарик подвлекува дека многу земји во Азија, на Блискиот Исток и во Европа го спречиле ширењето на птичји грип преку елиминирање на заболената живина, дезинфекција на областите каде се појавил грипот и вакцинација на птиците. Кога грипот ќе прекине да се шири меѓу птиците, нема ни случаи меѓу луѓето, вели Харчарик:

- Особено загрижува ситуацијата во Африка, каде постои вистинска опасност од пандемија во неколку земји, барем на кус рок. Една од причините е што во Африка е многу потешко да се спроведат соодветните мерки на контрола што дадоа успех во Европа и Источна Азија.

Проблем е и незаконската трговија со живина во Африка, вели Харчарик, додавајќи дека преносот на птици и птичјо месо преку границите е еден од главните начини за ширење на вирусот.

XS
SM
MD
LG