Линкови за пристапност

САД и ЕУ повикаа на политичко обединување, опозицијата им порача да се позанимаваат со вистинските проблеми


Опозицијата, наспроти повиците на меѓународната заедница за обединување, ја критикува ЕУ за, како што велат од врвот на ВМРО-ДПМНЕ, недоволните реакции за ситуацијата со владеењето на правото и измените на кривичниот законик
Опозицијата, наспроти повиците на меѓународната заедница за обединување, ја критикува ЕУ за, како што велат од врвот на ВМРО-ДПМНЕ, недоволните реакции за ситуацијата со владеењето на правото и измените на кривичниот законик

Сериозни политички пораки произлегоа од Скопскиот економски форум.

Собирот насловен како „Европа – ДА, Европа – СЕГА“, на кој се појави домашната политичка и бизнис елита, но и врвни претставници на европските институции, како и американски дипломати, дополнително ја потенцираше потребата од продолжување на пристапувањето кон ЕУ и исполнување на клучната задача во моментот – уставните измени.

Јоханес Хан, човекот, кој како некогашен еврокомесар за проширување, поминал, според него, многу непроспиени ноќи во турбулентниот период пред и во 2017, денеска од Скопје, му се заблагодари на Владимир Путин кој со агресијата врз Украина го натера Брисел на забрзување на проширувањето.

Хан, како актуелен еврокомесарот за буџет и администрација, повика на обединување на сите политички сили во земјава.

„Северна Македонија е на одличен пат кон ЕУ. Обединувањето на Европа ќе се комплетира само кога сите земји од европскиот континент ќе станат дел од ЕУ, особено затоа што Западен Балкан е опкружен со држави членки на ЕУ. Вие треба да станете полноправен член на европското семејство. И тоа се обидуваме да го сториме што е можно побрзо. Но, потребни се промени. Ајде да го зграпчиме моментот. Уверен сум дека на крајот, Сееверна Македонија ќе стане 28 членка на Унијата. Би сакал да пренесам порака до сите политички сили во земјата – соработувајте, ова е тимска задача“, рече Хан.

На иста линија со ЕУ, во однос на евроинтеграциите, е и стратешкиот сојузник – САД.

За американската адмнинистрација членство во Унијата, во ситуација на војна во Европа, не е само најдобриот, туку единствениот пат за Македонија.

„Охрабрувањето на напредокот на Северна Македонија кон ЕУ е еднен од нашите главни стратешки приоритети за вашата земја. Тоа не е само најдобриот, туку е и единствениот пат кон иднината зашто ви нуди иднина со сигурност и економски можности кои и се потребни на државата. Со неправедната војна на Русија против Украина, која се` уште трае, важноста на европската интеграција за безбедноста на Северна Македонија не може да се прецени“, рече Ерик Мејер, заменик-амбасадор на САД.

За премиерот Димитар Ковачевски, влезот во ЕУ треба да биде резултат на заедничка и обедиета работа на сите, без разлика на партиската, или етничката припадност зашто, како што рече тој, тоа го очекуваат граѓаните.

„ Од нас зависи колку брзо ќе ги направиме реформите на патот кон ЕУ, колку брзо ќе ги исполниме условите што се очекува да ги исполниме, а од внатрешно политичкиот дијалог зависи која динамика ќе ја следиме. Но, едно е сигурно нашиот фокус и цел мора да остане Европската Унија. Сакам тука на овој исклучително еминентен собир сите присутни овде и оние кои не гледаат, денес во Северна Македонија, во Собранието не се одвива гласање за уставни измени, денес во Собранието се одвива гласање за европска интеграција на државата. Денес во Собранието се дава глас или за интеграција во ЕУ или за изолација на државата која ја гледавме 11 години“, изјави Ковачевски.

Опозицијата, наспроти повиците на меѓународната заедница за обединување, ја критикува ЕУ за, како што велат од врвот на ВМРО-ДПМНЕ, недоволните реакции за ситуацијата со владеењето на правото и измените на кривичниот законик.

Христијан Мицкоски им порача на дипломатите – позанимавајте се со вистинските проблеми.

„Јас сум многу разочаран и очекувам робустна реакција за тоа што се случува во парламентот и тоа што го прави владата на полето на злоупотреба на европското знаменце и разочаран што таква робустна реакциа нема. Затоа мојата порака до сите бирократи однадвор е да се позанимаваме во овие месеци пред избори со оние вистинските проблеми“, рече Мицкоски.

XS
SM
MD
LG