Линкови за пристапност

Ескобар доаѓа во Скопје во обид да го поттурне процесот на уставни измени 


Габриел Ескобар утре доаѓа во Скопје. Од она што се дознава, за време на посетата заменик-помошникот државен секретар на САД ќе се сретне со државно-владиниот врв – претседателот Пендаровски и премиерот Ковачевски, но исто така, предвиден е и состанок со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Доаѓањето на Ескобар во Скопје се случува по стартот на пленарната собраниска процедура за уставните измени и внесување и на Бугарите во Уставот – седница чие гласање беше одложено до обезбедување двотретинско мнозинство.

Ескобар ќе се сретне со Пендаровски и Ковачевски
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:45 0:00

Неофицијално, посетата на влијателниот американски дипломат се поврзува и со обидите за „омекнување“ на ставот на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер дека нема да дозволат уставни измени во овој парламентарен состав – позиција која беше дополнително засилена во изминатите денови.

По обелоденувањето на информацијата дека Ескобар доаѓа во земјава, шефот на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Велес беше повнимателен од вчера во Кичево каде рече дека „Европа и светот прават стратегија како да ја скршат ВМРО-ДПМНЕ и предавнички да се изгласаат уставни измени во парламентот скроени по бугарски диктат“.

„Посетата на господинот Ескобар ја оценувам како и секоја друга посета. Изминатиот период имавме многу посети од високи странски претставници. Ќе ги слушнеме аргументите од таа страна, ќе ги кажеме нашите аргументи, отприлика содржината на тој состанок се наѕира, ја знаеме што е, така што секој добронамерен соговорник е добредојден, секој оној кој сака да ги слушне аргументите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и на народот е добредојден. Тоа што сега власта се обидува посетата на на Ескобар да ја претстави, условно кажано, како дипломатски булдожер којшто тука е повикан од Владата за да врши тортура и притисок, е веќе слабост на овие криминалци во Владата. Тортура и притисок во 21-от век веќе никој не врши, а и да вршат тогаш одбрале погрешни соговорници“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Вицепремиерот за европски прашања е загрижен од ваквите изјави од опозицијата и вели дека стравува дека ВМРО-ДПМНЕ воопшто не сака да гласа „за“ уставни измени, ни сега, ниту по изборите. Сепак, Маричиќ останува оптимист и гледа два начина за остварување на целта – поддршка од 80 пратеници.

„Едниот начин е ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија да одлучи да даде поддршка под одредени услови за кои беше разговарано пред два месеци на лидерската и вториот начин е дел од пратениците да одлучат да гласаат, како што имавме случај пред пет години. Јас не гледам трет начин, можеби постои, но тие се двете опции. Ние ќе работиме на двете нивоа, сметам дека не е невозможно, напротив мислам дека е возможно. Мислам дека имаме доволно време и простор за да дојдеме до решение“, рече вицепремиерот Бојан Маричиќ.

Целта е уставните измени да завршат до крајот или почетокот на годината, план што го поддржуваат и Вашингтон и Брисел и главните европски престолнини, но засега, не и опозицијата.

XS
SM
MD
LG